Според Апасиев, членката на ДКСК, која вчера поднесе оставка од функцијата, поднела лажирани податоци во Анкетниот лист со цел да ги прикрие фирмите на своите синови, што, како што вели, е стипулирано кривично дело според важечкиот Кривичен законик
Пратеникот и лидер на опозициската Левица најави дека партијата ќе ѝ поднесе кривична пријава на поранешната членка на Антикорупциската комисија, Цвета Ристовска, која вчера поднесе оставка од функцијата.

Според Апасиев, Ристовска поднела лажирани податоци во Анкетниот лист со цел да ги прикрие фирмите на своите синови, што, како што вели, е стипулирано кривично дело според важечкиот Кривичен законик.
„Продолжуваме со исто темпо и ги охрабруваме граѓаните кои имаат докази против корумпирани функционери, да ни ги достават во Собранието, а ние гарантираме дискреција и јавно ветуваме дека истите ќе ги обзнаниме пред јавноста и ќе поведеме правни процеси против сите инволвирани, без оглед на партиската припадност“,
пишува Апасиев во објава на Фејсбук.
Антикорупционерката Цвета Ристовска вчера поднесе оставка од функцијата по, како што наведе во документот, јавните полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во ова тело.
На почетокот на месецов ДКСК отвори два предмети за своката колешка Ристовска, за проверка на случаи на судир на интереси и непријавување имот поврзани со Ристовска. Едниот е во врска со фирма на еден од синовите на Ристовска која добивала пари за кампањата за претседателските избори во 2024 година, а другиот е за наводите дека Ристовска во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг.
Левица вчера оцени дека оставката на антикорупционерката Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните и клиентелистички врски што ја компромитирале институцијата.
