Апасиев, како што пренесе МИА, претходно денеска на прес-конференција во Собранието соопшти дека се собрани 750 потписи кои денеска ќе ги предадат во собраниската архива
„Ние не очекуваме опструкции. Доколку спикерот Талат Џафери се осмели да глуми уставен судија, ќе почнеме со целосна блокада на Собранието“, рече лидерот на Левица
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска до архивата на Собранието го достави барањето за спроведување задолжителен референдум на државно ниво, на кој граѓаните, доколку се одржи, треба да одлучат дали се „за“ или „против“ заклучоците за францускиот предлог што законодавниот дом ги усвои на 16 јули, оваа година.

Апасиев, како што пренесе МИА, претходно денеска на прес-конференција во Собранието соопшти дека се собрани 750 потписи кои денеска ќе ги предадат во собраниската архива.
„Ние не очекуваме опструкции. Доколку спикерот Талат Џафери се осмели да глуми уставен судија, ќе почнеме со целосна блокада на Собранието“,
рече Апасиев.
Тој додаде оти верува дека ќе имаат координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека очекуваат да бидат сериозно сфатени како опозиција.
„Се надеваме оваа референдумска иницијатива да помине во добра волја“,
рече Апасиев.
Политичката партија Левица на 28 септември до Државната изборна комисија (ДИК) го поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум на референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.
Апасиев, тогаш изјави оти смета дека народот мора да го има последниот збор кога станува збор за прашања од национален интерес, а одговарајќи на новинарски прашања додаде дека не очекува иницијативата на Левица да ги има проблемите како што беше случај со претходната на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека со вака формулираното прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“, е практично невозможно формално-правно да се одбие иницијативата.
Според него, и иницијативата на Христијан Мицкоски што беше одбиена од претседателот на Собранието Талат Џафери била формално-правно уредна, но дека Левица, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, нема директно да го „напаѓа“ Договорот со Бугарија туку Заклучоците со цел, како што рече, „да не му даваме муниција на Талат Џафери да изигрува уставен судија односно да толкува Устав“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на задолжителен референдум за укинување на Договорот со Бугарија со образложение дека е спротивна на членот 118 и членот 8 (став 1, алинеја 11) од Уставот, односно дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
Според собранискиот Деловник, откако ќе ја прими иницијативата, претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали иницијативата е уредна. Ако иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да го извести подносителот за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи. Ако документот, според комисиите, не е уреден. Тогаш Џафери е должен иницијативата да ја стави на дневен ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.
Доколку иницијативата го помине собранискиот филтер законските одредби предвидуваат дека во рок од три месеци ќе треба да се соберат 150 000 граѓански потписи во подрачните единици на Министерството за правда.
Апасиев при поднесувањето на иницијативата до ДИК изјави оти се надева дека до крајот на оваа година ќе бидат собрани тие 150 000 потписи кои се потребни согласно законот.