МНР се надоврзува на срамната Резолуција на Европскиот парламент со обид за нејзина практична имплементација, токму она што Софија со нетрпение го очекува, велат од Левица

Инсистирајќи на заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, ВМРО-ДПМНЕ фактички се согласува да ги проблематизира идентитетот и јазикот кои се носечки столбови на македонската државност и самобитност. Ова е ставот на Левица по предлогот на премиерот Христијан Мицкоски, за земјава преку заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, да ја потврдува посебноста на македонскиот идентитет и јазик.
„Наместо цврсто да стои на ставот дека македонскиот јазик и идентитет (одамна признаени од ОН и научната јавност) се неспорни, МНР се надоврзува на срамната Резолуција на Европскиот парламент со обид за нејзина практична имплементација, токму она што Софија со нетрпение го очекува. Заедничка резолуција со земја која со децении ги негира нашите основни права и има иредентистички аспирации значи прифаќање на услови кои директно го поткопуваат македонското самоопределување“,
се вели во реакцијата на Левица.
Премиерот Мицкоски вчера посочи дека предлогот го дал како одговор на изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека единствен услов бил промена на Уставот.
Министерот за надворешни работи пак, Тимчо Муцунски, рече дека е уверен оти предлогот е стигнат до официјална Софија, со оглед на тоа што се работи за изјава на премиер, која била главна тема и во медиумите во Бугарија. По ваквиот предлог, шефот на дипломатијата вели Софија е на потег – да покаже дали ќе оди напред во 21 век или ќе стои заглавена во реториката на 19 век.
Идејата за заедничка резолуција наиде на критики и од научната фела. Академик Катица Ќулавкова вели дека таа во никој случај не би требало да се процесуира официјално од македонските државни институции, од повеќе причини.
„…Да се бара од соседна Р. Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија, крајно неодговорен чин. Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи“,
вели таа.