Според Левица, жалбата на Апасиев е во прва фаза пред Европскиот суд за човекови каде што ѝ е доделен судски број и баркод
Политичката партија Левица денеска соопшти дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур ја прифатил апликацијата на нејзиниот лидер Димитар Апасиев поднесена против државата, а која се однесува на одлука донесена од Собранието додека негов претседател беше Талат Џафери.

Како што потсетуваат и од партијата, станува збор за правниот спор што претседателот на Левица го водеше и пред домашните судови против поранешниот претседател на парламентот Талат Џафери поради заклучоците на законодавниот дом со кои не беше прифатена иницијативата на партијата за референдумско изјаснување на граѓаните за т.н. француски предлог.
Во врска со одбивањето на иницијативата, Апасиев и Џафери во октомври 2024 година се соочија и на јавна седница во Уставниот суд.
Лидерот на Левица тогаш тврдеше дека Џафери како тогашен собраниски спикер се впуштил во мериторно одлучување на содржината на барањето за распишување референдум, односно не го проследил до собраниските комисии и до пленумот на парламентот, како единствено надлежни да одлучуваат по иницијативата.
Џафери, пак, од своја страна, на расправата во Уставен ги негираше ваквите тврдења и рече дека во конкретниот случај постапувал според Деловникот, а иницијативата не ја проследил понатаму затоа што Апасиев не го испочитувал рокот во кој пратеникот требало да одговори со прецизирање на иницијативата.
Според Левица, жалбата на Апасиев е во прва фаза пред Европскиот суд за човекови каде и е доделен судски број и баркод.
Апасиев, како што се наведува во објавата на опозициската партија на Фејсбук, во жалбата до Стразбур се повикува на член 1 од Протоколот XII (2000) и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, односно на општата забрана на дискриминација, а во врска со член 10 (Слобода на изразување) и член 11 (Слобода на собирање и здружување) од Европската конвенција за човекови права.
Од партијата велат дека за осуда е тоа што претходно сите редовни домашни судови се прогласиле за ненадлежни по овој предмет. Посебно се осврнуваат на Уставниот суд, кој, како што велат од Левица, дури по три години од поднесување на првичното барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот го одбил со паушално и правно неиздржано образложение.
„Со овој правен преседан, уште еднаш се покажува нестручноста и слабиот правен капацитет на уставните судии, кој воопшто не ја следат, ниту применуваат јудикатурата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), што само по себе е поразително и недозволиво“,
велат од Левица.
Од опозициската партија велат дека како овој, пред Европскиот суд за човекови права ќе го изнесат и случајот поврзан со локалните избори, одржани лани, кога со одлука на надлежните институции Левица не доби државни пари и медиумски простор за политичко рекламирање, иако има шест пратеници во Собранието.
„Левица обзнанува дека правната битка за овој, но и за другите случаи – како што е оној за цензурата врз нејзе на последните Локални избори 2025 спроведена од страна на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (ААВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК), исто така ќе ги изнесе пред Европскиот суд за човекови права и очекува позитивен исход од истите. Но, истовремено, бараме правна и политичка одговорност за сите инволвирани во ваквото еклатантно кршење на човековите слободи и права на левичарите“,
се наведува во објавата на партијата.
