Доколку директорот на СОЗР продолжи и понатаму да ја манипулира јавноста дека нема поврзаност со ,„Сити аутсорсинг“, Левица ќе објави заеднички фотографии на Ивица Томовски со управителот Милчо Стрезоски, се вели во реакцијата на партијата

По т.н. „бомба“, која ја објави СДСМ, а со која тврдат дека семејна фирма на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, добила 5,3 милиони евра преку тендери, со реакција се јавија и Левица.
Оттаму велат дека сегашен управител на фирмата е близок другар на Томовски.
„Како актуелен управител на компанијата ‘Сити аутсорсинг’ се води лицето Милчо Стрезоски од Струга. За блиското пријателство на Ивица Томовски со Милчо Стрезоски доказ се бројните заеднички фотографии објавени на фејсбук во последниве 10 години. Дали сега Томовски ќе се дистанцира од својот личен пријател на чија фирма доделил тендери од 5 милиони евра?! Доколку директорот на СОЗР продолжи и понатаму да ја манипулира јавноста дека нема поврзаност со ,’Сити аутсорсинг’, Левица ќе објави заеднички фотографии на Ивица Томовски со управителот Милчо Стрезоски!“,
се вели во реакцијата на партијата.
Претходно денеска, СДСМ на прес-конференција објави дека меѓу телефонските броеви за контакт што ги навела фирмата „Сити аутсорсинг“ е и 078-362-710, а кога тој број ќе се провери, излегува слика на Ивица Томовски.
Опозицијата тври дека фирмата која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна. Според СДСМ, фирмата првично се викала „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето бил Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител бил Слободан Кутановски, нивен близок роднина. Подоцна си го сменила името во „Сити аутсорсинг“.
Томовски потврди дека бројот е негов, но тврди дека нема никаква поврзаност со фирмата „Сити аутсорсинг“. Тој најави тужба за социјалдемократите.
Вчера реагираа и од компанијата. Оттаму велат дека Томовски нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со нив.
Инаку, податоците од „Бизнис мрежа“ покажуваат дека сегашен сопственик и управител на „Сити аутсорсинг“ е Милчо Стрезовски, а извесен Витомир Томовски како сопственик и Слободан Кутановски како управител се бришат на 29.12.2022 година.
Меѓу телефонските контакти поврзани со фирмата, на интернет може да се најде и бројот 078-362-710, за кој СДСМ тврдеше дека е на Ивица Томовски, а подоцна и тој го потврди тоа.
