Од партијата бараат преиспитување на одлуката на РКЕ за поскапување на струјата, како и државната ЕСМ продажба да биде постојан законски универзален снабдувач
Партијата Левица бара укинување на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), бидејќи не ги штити интересите на народот, откако ова тело вчера донесе одлука за новите цени на електричната енергија кои ќе стапат во сила од 1 јануари 2026 година.
Оттаму реагираат дека енергетскиот сектор во државата е во колапс по вчерашното прогласување на кризна состојба и покачување на цената на струјата, како што велат, под диктат на приватниот монопол „ЕВН хоум“.
„РКЕ со Бислимовски повторно се докажа дека е целосно непотребна институција, која само ги аминува барањата на австрискиот капитал“,
велат од Левица.
Од партијата бараат и итно замрзнување на цената на струјата за домаќинствата и преиспитување на одлуката, како и државната ЕСМ продажба да биде постојан законски универзален снабдувач.
„Наместо покачување на платите и животниот стандард, граѓаните од јануари ќе плаќаат повисоки сметки за струја, благодарение на немањето визија од владата предводена од премиер ‘енергетичар‘“,
пишува во реакцијата.
Според партијата, факт е дека Македонците плаќаат најскапа струја во регионот, иако владата на премиерот Христијан Мицкоски ветуваше дека ќе го укине надоместокот за мрежарина од 200 денари.
Тоа, велат од Левица, дека е уште еден доказ дека енергетскиот сектор е поставен да носи сигурен профит за приватниот капитал и дека оваа влада е единствено во служба на енергетската мафија.
„Впрочем, и самиот Мицкоски своето богатство го акумулира преку приватни хидроцентрали и сомнителни бозниси вбо енергетскиот сектор, за кои јавноста нема целосни информации. Очекувано е премиер кој потекнува од приватниот енергетски сектор да го брани интересот на бизнис-олигархијата, наместо интересот на мнозинството граѓани“,
Владата на вчерашната седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука.
„Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“,
соопштија од Владата.
АД ЕСМ минатата недела преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја поради секојдневните блокади на грчките земјоделци, што ја отежнува доставата на енергенти потребни за производство на електрична енергија и побара од Владата да се користат државните резерви.
Повисоки цени за електрична енергија од 1 јануари 2026 година ќе има во сите четири блока, а поскапа ќе биде и евтината тарифа.
Во првиот блок цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто, иако предложеното зголемување од „ЕВН хоум“ било за 7,66 проценти.
За вториот блок, РКЕ не го прифатило барањето струјата да поскапи за 8,54 проценти и донеле одлука таа да се зголеми за 2,87 отсто.
Во третиот блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако било предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти.