Летовите до Барселона, како што велат од компанијата, ќе бидат во вторник и сабота, а до Лион во вторник, четврток и сабота

Од 3 мај, двапати неделно, од меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе се лета до Барселона, информираа денеска од „ТАВ Македонија“.
Освен до Барселона, од 3 мај трипати неделно летови ќе има и до Лион.
Летовите ќе бидат со компанијата „Визер“, а ќе се реализираат со субвенции од Владата.
Летовите до Барселона, како што велат од компанијата, ќе бидат во вторник и сабота, а до Лион во вторник, четврток и сабота.
Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18:50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку избор на социјалните мрежи.
Од „ТАВ Македонија“ велат дека на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм заинтересираните може да се информираат како да конкурираат за двата бесплатни билети за Барселона, а добитниците ќе бидат објавени на 29 април.
„По тригодишна пауза, пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и ’Визер’“,
рече денеска на прес конференција Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Тој верува дека оваа линија ќе биде уште попопуларна од пред три години со многу патници.
Курт рече и дека меѓународниот аеродром „Скопје“ првпат се поврзува со Лион оценувајќи дека ова е посебна дестинација бидејќи станува збор за град којшто има што да понуди, под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата со атрактивна гастрономска понуда.
Курт соопшти дека таргетирани им се и дестинациите на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларника во Кипар, како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид.
„Не застануваме тука, летаме за Анталија, Бодрум, Хургада, Рим, Венеција, Сплит, Париз кои остануваат врвни туристички дестинации во летната сезона“,
додаде Курт.
Во јануари годинава од Министерството за транспорт информираа дека се воведуваат две нови авиолинии до Париз и Женева, а со нив ќе оперира авиокомпанијата „Изиџет“. Летот до Париз, до аеродромот „Орли“, почна да функционира од 2 април, додека линијата до Женева ќе почне да се оперира од 3 ноември годинава.