Цената на лекот изнесува 299 денари, а може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или од специјалист
Лекот „ивермектин“, кој помага во лекувањето на ковид-19, од денеска се наоѓа во аптеките откако претходно ги помина сите фази на одобрување во Министерството за здравство (МЗ) и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, потврдија од МЗ.
Тој е набавен од производител од Турција, а малопродажната цена е 299 денари.
„Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или од лекар специјалист. Тој може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку некое лице било во контакт со ковид-позитивен“,
велат од МЗ.
Оттаму нагласуваат дека повеќе клучни студии за неговата ефикасност кај ковид-пациентите се во тек или нивните крајни резултати сè уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека „ивермектинот“ има поволен ефект во профилакса на ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно тешка и тешка клиничка слика.
Во претходните изјави за медиумите, и министерот за здравство Венко Филипче зборуваше за употребата на овој лек.
„Студиите укажуваат дека лекот се дава во три сценарија: кај ризични групи работници кои има ризик да заболат, втората група е кај луѓе кои биле во контакт со потврден заболен и, нормално, кај луѓе кои се заболени. Кај трите групи има различни индикации и дозирање, затоа е важно давањето да биде под контрола на лекар“,
рече Филипче.
Дека лекот од денеска ќе се најде во аптеките вчера потврди и директорот на МАЛМЕД, Љирим Шабани.
„Лекот е стигнат во земјава, се прават последни процедури за да се стави во промет и најверојатно од утре веќе ќе биде достапен. Цената на лекот ја одредува Министерството за здравство, но мислам дека ќе чини околу 300 денари“,
изјави вчера Шабани за државната агенција МИА.