Државниот јавен обвинител Ненад Савески на денешниот брифинг со новинарите рече дека овој негов потег не е поврзан лично со Ристоска и дека нема политичка заднина, туку дека е во насока да се воведе ред и евиденција

Обвинителката Ленче Ристоска останува без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице. Случајот против партијата е за нејзино незаконско финансирање, а се бара и конфискација на партиското седиште.
Ова следува по одлуката на државниот јавен обвинител Ненад Савески да ги повлече овластувањата што неговите претходници им ги дале на дел од обвинителите за да можат да работат на предмети од други обвинителства, пренесува телевизија Телма.
Савески на денешниот брифинг со новинарите рече дека овој негов потег не е поврзан лично со Ристоска и дека нема политичка заднина, туку дека е во насока да се воведе ред и евиденција.
Вели дека одлуката е за сите предмети што се работеле со овластувања, затоа што кога дошол му биле дадени куп такви предмети во кои обвинители постапувале по предмети од обвинителство каде што не работат.
„Одлуката ја донесов денеска и сè уште не е потпишана. Ова не е само за Ленче Ристоска. Има многу овластувања, не знам колку се точно. Имаме шеф на обвинителство во Гостивар што постапува по предмет на ОЈО ГОКК. Мораме да имаме јасна слика. Моите одлуки не се политички“,
вели државниот обвинител Ненад Савески.
Едниот предмет што го застапува Ристоска е на ОЈО ГОКК, па со оглед на тоа што таа е обвинител на ОЈО Скопје ќе ѝ биде одземен по сила на генералната одлука на Савески. Другиот предмет е на ОЈО Скопје, а дали ќе го задржи зависи од тоа дали и е даден со овластување или го добила како обвинителка во тоа обвинителство. Неофицијално, и тој предмет Ристоска го застапувала со овластување.
Исклучок, како што рекол Савески, ќе направи за обвинителствата во Ресен и во Крива Паланка кои се без обвинители и за големиот предмет за Кочани што се суди во Идризово, а кој го застапуваат 15 обвинители, и тоа поради сложеноста и многуте докази.
Вечерва, пак, во гостување на телевизија Сител, Савески беше прашан дали Ристоска треба да биде изземена од „Талир“ поради климата што јавно постои, или работи професионално, па ќе остане на случајот. Савески одговори дека таквото барање сè уште не е дојдено до него на дневен ред и не донел одлука во врска со него.

ФОТО: Приинтскрин
„Предметот го прибавив, го проучив, меѓутоа сè уште не сум донел одлука во врска со поднесеното барање за изземање бидејќи разгледувам состојби генерално во ЈО во врска со дадени овластувања на јавни обвинители да постапуваат во конкретни предмети и сето тоа е предмет на моја анализа и е тесно поврзано со одлуката за изземање. Затоа сè уште немам донесено одлука“,
рече Савески во разговорот за Сител.
Во однос на вчерашната седница на Советот на јавни обвинители, на која тој и сите други членови гласаа за одбивање на претставката на јавната обвинителка Ленче Ристоска во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, рече дека аргументите на комисијата биле прифатливи за него, а обвинителите интегритетот го носат во себе и никој не може да им го земе.
Според извештајот на телевизијата, обвинителката Ивана Трајчева, која не доби нов мандат во обвинителството за гонење организиран криминал, нема да добие овластување да остане на предметите за Кочани поврзани со полицајците.
Според Савески, Трајчева е извонредна обвинителка, но предметите не треба да се поврзуваат со конкретни обвинители.
„Треба да им се даде простор и на други обвинители. Сакам сите да се почувствуваат дека се вреднувани. Не фаворизирам никого. Се согласувам дека на нови обвинители можеби ќе им биде потешко да се вклучат, но јавнообвинителската функција не е лесна“,
додава Савески.
