Оттаму велат дека д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност, како и дека доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора денеска упати јавна морална осуда за случајот поврзан со видеоснимката објавена на социјалните мрежи на која се гледа како веќе разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија и зборува за неа со асоцијации за кокаин.

Ова, како што велат од Комората, се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди што се очекуваат.
„Д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значењето во заедницата. Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети што соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги“,
се вели во соопштението од Лекарската комора.
На состанокот на Комисијата за етички и правни прашања, разгледани се документите добиени од Министерството за здравство, а направена е и проверка на поднесените претставки за евентуални етички пропусти во работењето, при што е констатирано дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски.
„Со цел да се обезбедат факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот, Комисијата цени да е важно да ги имаат на увид и извештаите од стручните комисии формирани за овој случај од Министерството за здравство и Клиниката за неврологија. По добивање на овие извештаи и комплетирање на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми“,
пишуваат од Комората.
Оттаму велат дека д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност.
„Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано“,
информираат оттаму.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера соопштија дека д-р Кузмановски треба да плати парична казна (глоба во износ од 500 до 1 000 евра), бидејќи како здравствен работник работел без важечка лиценца за работа.
Министерот за здравство Азир Алиу на 10 октомври го разреши д-р Кузмановски откако на социјалните мрежи се појави видео во кое Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице, кое веројатно со снимало видеото.