„Лекарската комора ќе постапи веднаш согласно своите законски можности штом добие решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност кај докторите и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи. Ја разбираме јавноста за брзо лоцирање на одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни“, велат од Комората
Лекарката комора нема законска можност самоиницијативно да утврди индивидуална одговорност кај докторите и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај од Министерството за здравство за случајот со починатото 14-месечно бебе на Детската клиника во Скопје. Ова денеска го соопштија од Лекарската комора и посочија дека Комисијата за етички и правни прашања нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор формирана од Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, особено што не располага со медицинската документација врз основа на што е изготвен извештајот.

„Во однос на стручните пропусти во третманот на лекување нотирани во извештајот, може да постапиме само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основа на Решение изготвено од страна на министерот“,
се вели во соопштението од Комората.
Оттаму велат дека најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во здравствените установи, за што Комората нема директна надлежност, но изразува загриженост зашто го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на здравствените услуги.
„Лекарската комора ќе постапи веднаш согласно своите законски можности штом добие Решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност кај докторите и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи. Ја разбираме јавноста за брзо лоцирање на одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни“,
велат од Комората.
Лекарската комора на пред два дена го доби извештајот за извршен надзор над работата на Универзитетската клиника за детски болести, Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата – Козле, Скопје, подготвен од Комисијата за стручен надзор формирана од министерот за здравство Арбен Таравари за лекувањето и третманот на починатото дете.
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора вчера одржала седница на која го разгледала овој извештај и дала мислење.
„Веруваме дека здравствените установи, како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите нотирани во извештајот“,
пишува во соопштението.
Министерот за здравство Арбен Таравари пред неколку дена објави дека се констатирани се системски, технички и стручни недостатоци во случајот со смртта на 14-месечното бебе. Од аспект на стручните забелешки, според Таравари, констатиран е превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката за детски болести извршен на 3 октомври годинава. Во “Козле“, пак, е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните тешкотии и третманот.
Бебето почина на 5 октомври на Детската клиника, а дел од медиумите пренесоа дека претходно неколкупати било одбивано да се хоспитализира, иако неговите родители трипати го носеле на преглед на оваа клиника.