„Лекарот треба да е свесен дека со секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, покрај тоа што се компромитира самиот, ги компромитира и сите други колеги“, велат од Комората
Лекарската комора на Македонија со загриженост ги следи информациите поврзани со докторот Игор Кузмановски и укажува дека докторската професија има специфична дименизија која налага високо етичко и морално однесување.

Ова е ставот што Лекарската комора денеска го сподели со медиумите, откако вчера на социјалните мрежи беше објавена видеоснимка на која се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Кузмановски, кој во август беше назначен за директор на Клиниката за неврохирургија како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, вчера, по објавата на видеото, веднаш беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство Азир Алиу.
„Лекарот е обврзан во професионалниот и во приватниот живот да ги негува и да ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Лекарот треба да е свесен дека со секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, покрај тоа што се компромитира самиот, ги компромитира и сите други колеги“,
велат од Лекарската комора.
Оттаму додаваат дека органите и телата на Комората ќе го разгледаат конкретниот случај и информациите поврзани со него и ќе постапат согласно своите надлежности.
Според Статутот на Лекaрската комора, Судот на честа е органот кој на барање на обвинителот на Комората расправа и одлучува за одговорноста на членовите на Комората за сторена повреда од етичка и од професионална гледна точка и за повреда на Кодексот на медицинската етика и должности, при што може да изрече опомена, јавна опомена, парична казна, како и времено или трајно одземање на лиценцата.
Обвинителот, пак, има право и должност, според член 38 од статутот на Лекарската комора, да поведуваат постапка против член на Комората за кој постои основано сомневање дека го повредил Законот, Статутот или Кодексот на медицинската професија, објави телевизијата Телма.
Вчера на социјалните мрежи се појави скандалозно видео во кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Набрзо по ескпресното разрешување од страна на министерот за здравство, д-р Кузмановски се огласи на социјалните мрежи, каде напиша дека се кае и се извини за постапките, кои, како што наведе, биле во момент на слабост и во време пред да биде назначен на директорската функција.

Во врска со случајот реагираа и партиите. Синоќа се огласи владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј кадар е д-р Кузмановски, од каде што рекоа дека ја поддржуваат одлуката тој да биде разрешен од функцијата, како и дека немаат сомневање оти јасно и недвосмислено институциите треба да постапат согласно законот и утвредните процедури.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска побара од Лекарската комора да направи сериозна анализа и проверка на досегашната работа на докторот Игор Кузмановски, а за тоа дали треба да има и кривична одговорност, рече дека единствени одговорни и кои треба да постапат се институциите.
Пред изјавата на Филипче, денеска на прес-конференција се обрати Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ која рече дека случајот со докторот Кузмановски е огромен скандал на власта, и затоа е потребна темелна истрага на целокупната негова работа и да сноси кривична одговорност, оти станува збор за доктор кој се грижи за здравјето на луѓето.
На ставовите на Филипче и Радеска реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде упатија апел дека како и во случајот со д-р Кузмановски, институциите треба да постапат и за Јон Фрчкоски од СДСМ, за кого велат дека, исто така, консумирал наркотици додека извршувал државна функција.
Имено, од владејачката партија се навратија на наводите што кон крајот на март годинава ги изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој на прес-конференција објави фотографии од младиот Фрчкоски со бела прашкаста материја пред себе, прашувајќи дали станува збор за наркотичната дрога кокаин.
Јон Фрчкоски тогаш преку објава на социјалните мрежи информираше дека се повлекува од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).