Паралелно со оваа постапка, од Лекарската комора велат дека во тек е сеопфатна процедура во врска со етичкото однесување на д-р Кузмановски како лекар, а конечната одлука ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи
Поранешниот директор на Клиниката за неврологија д-р Игор Кузмановски ќе мора да помине тримесечна обука под водство на ментор и да полага испит за проверка на стручните знаења, пред Лекарската комора да одлучи дали ќе му ја продолжи лиценцата за работа. Ваква одлука донела Комисијата за етички и правни прашања при Комората во однос на барањето лекарот за продолжување на лиценцата.

За потсетување, д-р Кузмановски се најде во фокусот на јавноста откако пред точно две недели на социјалните мрежи се појави видео на кое тој меша бела прашеста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото, на социјалните мрежи.
По ова, министерот за здравство Азир Алиу експресно го разреши од функцијата директор на Клиниката за неврологија, на која, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, беше назначен во август годинава.
По скандалот, за кој Кузмановски се извини и рече дека тоа што го направил било во момент на слабост, институциите во рамките на здравствените власти отворија повеќе постапки поврзани со лекарот.
Лекарската комора, која е една од нив, денеска соопшти дека Комисијата за етички и правни прашања при ова тело, го разгледала барањето на лекарот за продолжување на лиценцата за работа, постапувајќи, како што наведуваат оттаму, со најголема сериозност и одговорност.
„Како резултат на констатираните наводи и за да се гарантира заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија, Комората, покрај законски утврдените услови, донесе одлука за преземање на дополнителни мерки. Имено, беше одлучено дека д-р Кузмановски, за да може неговото барање да биде одобрено, мора да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор. По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детална проверка на стручните знаења и способности“,
се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Лекарската комора.
Оттаму додаваат дека ја користат законската можност да наметнат засилен механизам на контрола и едукација, бидејќи Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата на лекарот.
Паралелно со оваа постапка, од Лекарската комора велат дека во тек е сеопфатна процедура во врска со етичкото однесување на д-р Кузмановски како лекар.
Од Комората потсетуваат дека веќе дале јавна и остра морална осуда за однесувањето на докторот, јасно ставајќи до знаење дека со своето однесување тој ги крши етичките принципи и го нарушува интегритетот и угледот на лекарската професија, но за да донесат конечна и издржана одлука ги очекуваат извештаите од другите комисии формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија.
Тие, според Лекарската комора, треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина.
„Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи“,
се вели во соопштението.

По објавувањето на скандалозната снимка и разрешувањето на Кузмановски од директорската позиција, од страна на надлежните беше утврдено дека нему подолг период, односно од март годинава му била истечена лиценцата за работа, а без овој документ била назначен и раководната функција.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 15 октомври соопштија дека докторот треба да плати парична казна (глоба во износ од 500 до 1 000 евра), бидејќи како здравствен работник работел без важечка лиценца за работа.
Имено, по наредба на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонреден инспекциски надзор на Клиниката за неврологија во врска со работата на Кузмановски како директор на клиниката и како здравствен работник, при кој било констатирано дека откако бил именуван на функцијата директор нема податоци дека давал здравствени услуги, но оти од 15.03.2025 година до кога му била важечка лиценцата, па до назначувањето на директорската позиција извршувал здравствена дејност, поради што ќе биде казнет.
На местото на Кузмановски за директор на Клиниката за неврологија, министерот за здравство го именуваше докторот Јован Божиновски.
Во таа пригода ресорниот министер соопшти дека веќе е формирана комисија од страна на Министерството за здравство која треба да направи детален инспекциски надзор во таа институција, а поврзано со докторот Кузмановски.
Поврзани вести:
- ВМРО-ДПМНЕ: Ја поддржуваме одлуката на Алиу да го разреши Кузмановски, институциите да постапат согласно законот и утврдените процедури
- Кузмановски се извини на Фејсбук: Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на слабост
- Лекарската комора ќе го разгледува случајот со д-р Кузмановски: Докторската професија налага високо етичко и морално однесување
- Неврологија доби нов директор, министерот најави инспекциски надзор за работата на разрешениот Игор Кузмановски
- Мицкоски за докторот Кузмановски: Тоа што се случи – се случи, да не се враќаме назад
- ФЗО: Докторот Кузмановски има активен факсимил
