Како што вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за случај кога таа била ангажирана на настан во Грција за кој добила пари од програмата „Еразмус+“ од претходната влада
Тамара Јованов-Апасиева, сопруга на пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, ја фалсификувала својата биографија и лажела за ангажман на настан во Грција за кој зела пари од претходната влада на СДСМ, преку програмата „Еразмус+“, обвини денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

На прес-конференција во партиското седиште, Лефков рече оти таа навела дека на настанот во Грција била во улога на лектор и учесник, но официјалните документи кажуваат дека таа била само учесник, а не и лектор, па оттаму прашува зошто таа имала потреба да лаже во својата биографија и зад своето име да припишува работи кои воопшто не ги правела. Лефков прашува и дали таа намерно се пишала дека е лектор за да земе повеќе финансиски средства или, пак, за неосновано да ја збогати својата биографија.
„Димитар Апасиев, кој се претставува за јак правник, треба да каже дали тоа што неговата сопруга лажела во својата биографија е фалсификат или измама? Исто така, Димитар Апасиев како политичар, кој се бори за гласови треба да каже што се тој и неговата сопруга лажат, кога лажат за една биографија?“,
вели Лефков.
Вчера од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека СДСМ ја финансирал сопругата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку националната агенција за „Еразмус+“. На вчерашната прес-конференција, Миле Лефков обвини дека ова укажува на соработка меѓу двете партии, иако јавно се претставуваат како спротивставени.
Од Левица пак возвратија дека додека премиерот Мицкоски секојдневно ги обвинува ДУИ за криминал и корупција, неговите директори делат европски пари на спорниот универзитет во Струга, кој е директно во сопственост на функционерот на ДУИ и градоначалник, кој е на „црна листа“, Рамиз Мерко.
Во објавата на Фејсбук од Левица посочуваат дека новопоставената в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Ана Михајлов, пред една недела одобрила грант од „Еразмус+“ на „Меѓународниот универзитет Струга“.