„Од фотографијата се гледа дека токму потпалувачот на пожари е дел од неговиот круг кога ги предаваше ‘бомбите’ во СЈО и кога по кажувањето на нему блиски се опкружил само со проверени луѓе“, кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција објави фотографија од човекот за кој вели дека му бил возач на поранешниот премиер Зоран Заев и е фатен како подметнува пожар во Струмичкиот Регион.

„Ова е фотографија на која се гледа шоферот А.Н., како е дел од најтесниот круг на Зоран Заев. Заев лаже кога вели дека А.Н. не му бил шофер. Од фотографијата се гледа дека токму потпалувачот на пожари е дел од неговиот круг кога ги предаваше бомбите во СЈО и кога по кажувањето на нему блиски се опкружил само со проверени луѓе“,
вели Лефков.

Според него, ако А.Н. не бил проверен човек на Заев и лице од највисока доверба, не може да не се праша по чија наредба дејствувал кога ги палел пожарите.
„Шоферот на Заев е фатен жив, а со тоа и СДС. Има ли некој во државата што верува дека шоферот на Заев постапил на своја рака“,
прашува пратеникот.
Посочи дека лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) има опција да се огради од Заев и да го осуди палењето на пожарите, кое како што додаде, ги прават негови блиски лица.
„Доколку Венко Филипче молчи, само ќе потврди во целост дека тој е едно со Заев и дека ја спроведува неговата политика и неговата агенда“,
кажа тој.
Лефков вчера на прес-конференција соопшти дека возач на поранешниот премиер Зоран Заев е уапсен за подметнување пожар во атарот на браната Водоча во Струмица.
Заев, пак, во изјава за „Фокус“ демантира дека приведениот бил негов возач или телохранител. Лицето што е приведено од страна на полицијата, рече дека во Општина Струмица работело како возач за потребите на управата и вработените.
„Александар Николов е вработен во Општина Струмица. Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година и во тој период од 12 години, колку што бев на чело на општината, возач на градоначалникот т.е. мој возач беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање, а потоа беше Кире Ангелов“,
кажа тој.
Посочи дека колку што се сеќава Николов во тоа време работел на портирницата во општината и бил возач на општинското возило наменето за потребите на општинските инспекции и останатите служби за теренските активности.
„По завршување на мојот градоначалнички мандат, воопшто го немам видено Александар Николов“,
рече Заев.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека завчера вечер полициски службеници го привеле А.Н. поради сомнение за сторено кривично дело. Оттаму додаваат дека во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струмица се преземаат мерки за расчистување на случајот.