Дел од медиумите вчера објавија фотографии на кои, според нив, се гледаат Филипче и Заев како одмораат на јахта во Халкидики, Грција. Според истите медиуми, на Филипче и Заев друштво им правел кандидатот на СДСМ за градоначалник на скопската општина Аеродром, Александар Трајаноски

Чија е јахтата на која уживаат Филипче и Заев и со чии пари е платена, како со лекарска плата Венко стигна до луксузно пловење, прашаа денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако дел од медиумите завчера објавија фотографии на кои, како што тврдат, се гледаат актуелниот и поранешниот лидер на СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев, како одмораат на јахта во Халкидики, Грција.
„Додека СДС секојдневно сее лаги, измислици и зборува за сиромаштија, нивниот претседател Филипче, со нивниот поранешен претседател Заев, плови по Егејското море во луксузна јахта вредна милиони. Додека СДС секојдневно сее лаги како лошо се живее, нивниот Венко Филипче ужива и очигледно го нема проблемот за кој зборува неговата партија на прес-конференции. Напротив живее живот кој лекари од неговата професија од многу поразвиени држави не можат да го живеат“,
изјави на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој го повика лидерот на СДСМ да одговори, како со лекарска плата стигнал до луксузно пловење на јахта и по скапи ресторани.
„Венко Филипче треба да одговори чија е јахтата на која плови тој и Заев, дали е негова, на неговиот поранешен шеф или на фирми поврзани со нив? Доколку јахтата е на него или на Заев колку чини истата и на кој начин е купена? Дали оваа јахта е купена со пари од тендери или фирми поврзани со тендери, како главни или подизведувачи? Очекуваме одговори од СДС и Венко Филипче, а секако и од ЈО, ако главниот обвинител Коцевски смее воопшто да отвори постапка или ќе спие до избори“,
додаде Лефков.
Дел од медиумите вчера објавија фотографии на кои, според нив, се гледаат Филипче и Заев како одмораат на јахта во Халкидики, Грција. Според истите медиуми, на Филипче и Заев друштво им правел кандидатот на СДСМ за градоначалник на скопската општина Аеродром, Александар Трајаноски.