Лефков завчера ја обвини Костадиновска-Стојчевска дека за само четири дена во Виена потрошила над три илјади евра
ВМРО-ДПМНЕ и денеска одржа прес-конференција на која беа објавени нови информации за наводното луксузирање со народни пари на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Виена.
Како што посочи пратеникот Миле Лефков, Костадиновска-Стојчевска, освен што платила луксузен стан во центарот на Виена, таа и се хранела луксузно трошејќи повеќе од 800 евра за еден ручек и две вечери.
„На една од сметките кои Бисера Антоанета ги доставила до Министерството за култура и за која зела државни пари се гледа дека истата за една вечера потрошила 403 евра пари на граѓаните. Антоанета вечерала во луксузниот виенски ресторан ‘Дистрикт’, а на нејзината маса се нашле школки, бизонско филе, телешко карпачо. Бисера Антоанета не штедела ниту во ресторанот ‘Соле’, каде што за еден ручек платила 249 евра, а за вечера во истиот ресторан 212 евра. Овде на менито на Антоанета била италијанска храна. Само за овие три ресторански посети Бисера Антоанета платила 846 евра или 53 136 илјади денари“,
изјави Лефков прашувајќи ја поранешната министерка, како ги правда 3 000 евра потрошени за четиридневно патување во Виена.
Лефков завчера ја обвини Костадиновска-Стојчевска дека за само четири дена во Виена потрошила над три илјади евра. Според него, ексминистерката со службената картичка со народни пари изнајмила трисобен стан од 70 квадратни метри во центарот на Виена за кој платила 1 213 евра или 74 599 илјади денари за четири ноќи, а во непосредна близина имало елитни хотели каде што ноќевање со појадок чинело, како што рече, 9 000 денари.
По ова реагираше Костадиновска-Стојчевска која рече дека во Виена била за меѓународна изложба и дека сместувањето било поевтино од хотел.
Според неа, нејзиното сместување било поевтино од луксузни бизнис-билети за кои вели дека ги плаќале Мицкоски и неговите министри и што биле од 20 000 евра.