Во коментар за Извештајот, амбасадорот Ле Риголер посочи дека документот е исклучително интересен, детален и комплетен

Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија е вистинско охрабрување за продолжување на спроведувањето на реформите во одредени сектори, истакна денеска во Штип амбасадорот на Република Франција, Кристоф Ле Риголер.
Во коментар за Извештајот, амбасадорот Ле Риголер посочи дека документот е исклучително интересен, детален и комплетен.
„Многу урамнотежен, со многу позитивни елементи и со помалку позитивни елементи. Но, исто така претставува охрабрување, за да се продолжи на патот на реформите“,
рече Ле Риголер.
Тој посебен акцент стави на клучните области што мора да бидат во фокусот на земјата.
Според францускиот амбасадор, извештајот јасно ги одразува приоритетите во соработката меѓу двете земји.
Клучни теми, според амбасадорот, кои се важни за сите општества, а се потенцирани и во извештајот, се владеењето на правото, независното судство, борбата против корупцијата.
„Извештај кој од таа гледна точка е многу корисен и навистина ги одразува приоритетите во нашата соработка, затоа што Франција тесно соработува во тие сектори – зајакнување на администрацијата, независност во судството. Токму тоа го правиме“,
додаде Ле Риголер.
Амбасадорот Ле Риголер денеска беше во Штип, каде заедно со градоначалникот Иван Јорданов присуствуваше на настан од програмата на „Balkan News Truck“.
Инаку, во извештајот на ЕК за напредокот на земјава, кој беше објавен минатата недела, меѓу другото, се нотира дека не се направени обиди за усвојување на уставните измени наведени во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година за вклучување други заедници, како бугарската, во Уставот. Во оваа насока се додава дека парламентот на С Македонија треба да ги забрза потребните реформи за процесот на интеграција во ЕУ.
Во делот кој се однесува на судството и фундаменталните права во Извештајот за напредокот на земјата кон Европската Унија за 2025 година се вели дека нема напредок.
