Очекуваме премиерот Зоран Заев да нè извести во каква влада влегуваме. Ова денеска го изјави лидерот на ЛДП, Горан Милевски, откако Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, договорија Алтернатива да влезе во владината коалиција.
ЛДП заедно со ДОМ е дел од владината коалиција и, според Милевски, очекуваат информации за договорот со Алтернатива за потоа одлучат дали тоа за нив е прифатливо или не.
„Немаше потреба да се прават овие театри еден месец и да се дефокусира јавноста бидејќи државата има еден силен предизвик во декември, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија и целата енерија на политичките чинители треба да се насочи кон решавање на овој проблем којшто ќе значи подобар животен стандард на граѓаните, наместо да се занимаваме со личните позиции и кадровските решенија коишто очигледно се договорени,“
изјави лидерот на ЛДП, Горан Милевски.
ЛДП заедно со ДОМ имаат тројца пратеници и едно министерско место во владата. Токму Горан Милевски е на чело на Министерството за локална самоуправа.