Поранешниот градоначалник на Скопје, во вторникот, минатата недела за „360 степени“ потврди дека по консултациите претходните денови решил да и се врати активно на политиката и да го води ресорот што ѝ припаѓа на неговата матична Либерално-демократска партија
Централниот одбор на Либерално -демократската партија (ЛДП) на седница што се одржала синоќа и официјално го прифатил предлогот на Извршниот одбор Ристо Пенов да биде министер за локална самоуправа во владата на Димитар Ковачевски, на местото на лидерот на партијата Горан Милевски кој си поднесе оставка од функцијата.
Поранешниот градоначалник на Скопје, во вторникот, минатата недела за „360 степени“ потврди дека по консултациите претходните денови решил да и се врати активно на политиката и да го води ресорот што ѝ припаѓа на неговата матична Либерално-демократска партија.

Централниот одбор на ЛДП, како што информираат оттаму, на синоќешната седница го прифатил предлогот на Извршниот добор за започнување со подготовките за одржување на редовното Собрание на партијата, а била разгледана и оставката на партискиот лидер Гoран Милевски на местото министер за локална самоуправа.
„Централниот одбор се заблагодари на досегашниот ангажман на Милевски, на успешното менаџирање со Министерството и на придонесот за регионалниот развој на државата“,
велат од ЛДП.
Како што информираат од партијата согласно статутот на ЛДП, формиран е организациски одбор во чиј состав се избрани Боби Мојсовски, Димитар Ванчов, Билјана Аврамовска – Ѓореска, Дејанчо Цветановски, Валентин Груевски и Ивица Тодоровски.
Од партијата додаваат дека до Конгресот ќе се одржат уште две седници на Централниот одбор за негова подготовка.
„На следниот состанок, кој се очекува да се одржи следната недела, ќе бидат разгледани и предлог датуми за одржување на Конгресот“,
велат од ЛДП.
Актуелниот министер за локална самоуправа, Горан Милевски оставката ја достави пред нешто повеќе од една недела, а во изјава за медиумите рече дека се повлекува од лични причини.
Меѓутоа, освен од министерската, сè погласни се шпекулациите дека до крајот на годината тој ќе замине и од лидерската позиција во ЛДП, за каде што како најсериозен кандидат за нов претседател се споменува актуелната потпретседателка Моника Зајкова, која е една од двајцата пратеници што ги има партијата.
Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.