Речиси е сигурно дека лидерката и единствена пратеничка на ДОМ, Маја Морачанин, ќе гласа против францускиот предлог во Собранието. Па сепак, таа вели нејзиниот став не е во никаква корелација со нивното учество како коалициски партнер во Владата. ДОМ, објаснува Морачанин, дал „конструктивен придонес во целиот овој период“
Според јавно искажаните ставови на партиите, извесно е дека предлогот, односно заклучоците, ќе добијат најмалку 70 гласа. Поддршка, освен пратениците од владината колација (СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ДПА) даваат и опозициските партии на Албанците (Алијанса за Албанците и БЕСА)
„Сè ќе зависи од заклучоците“, вели претседателот на Демократски сојуз (ДС), Павле Трајанов, на прашањето на „360 степени“ – како ќе се изјасни тој кога францускиот предлог ќе биде ставен на гласање. Објаснува дека сè додека не се дефинираат заклучоците на работната група формирана во Собранието, нема оформен став „за“ или „против“.

„Има сугестија работната група што се формираше да продолжи со работа или да се формира нова, но врз основа на расправата да се подготват заклучоци кои би добиле поширока поддршка, односно да има консензус меѓу партиите. Ако утре има добра волја да се формира тим што ќе припреми прифатливи заклучоци за сите, тоа би било одлично и за државата и процесот ќе се движи напред“,
вели Трајанов.
„Мислам дека овој предлог нема да добие поддршка“, вели претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, иако потенцираше дека ова прашање ќе го дискутираат денеска на Централен одбор на партијата и ќе донесат конечна одлука.

„Ние ја искажавме нашата загриженост околу внесувањето на билатералните прашања, историските, образовните… Тука е нашата грижа. Тоа не им дава спокој на луѓето за поддршка на овој предлог“,
смета Морачанин.
Сепак, Морачанин вели дека ваквиот став не го доведува во корелација со нивното учество како коалициски партнер во Владата.
„Мислам дека дадовме многу конструктивен придонес во целиот овој период, од првиот предлог до овој сега. Со сè што беше во наша моќ се потрудивме да се подобри оваа состојба и никогаш не сме ја доведувале во корелација со ова што сега се слуша – рушење на Владата, дека тоа е идеата. Тоа никогаш не било ниту идеа, ниту тенденција“,
вели таа.
Двајцата пратеници од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсовски, се со ист став – францускиот предлог ќе се разгледува на седница на Централниот одбор на партијата што ќе се одржи вечерва, по што ќе се знае генералниот став на ЛДП. Претседателот на партијата кој не е и пратеник, Горан Милевски, во неколку наврати имаше негативен став кон францускиот предлог иако последните изјави беа попретпазливи.
Сепак, пратеничката Зајкова вели дека има личен став дека предлогот не е совршен, но и дека не е толку лош како што се „кренало фама во јавноста“.

„Јас сепак сум на ставот дека мене никој не може да ми посочи од каде ми се корените и како ќе бидам утре впишана. Така што сметам дека ова е уште еден ризик или исчекор што треба да го направиме за да се доближиме повеќе кон ЕУ-интеграцијата. На ова гледам како млад човек. Не мора да значи дека моето мислење е правилно. Сакам некој да ми објасни, доколку сето ова не успее, во кој правец ќе се движи визијата на државата“,
вели Зајкова.
Инаку, владејачкиот СДСМ денеска ги повика пратениците, како што велат, да го поддржат членството во Европската Унија и да дадат придонес при усвојувањето на заклучоците околу францускиот предлог.
„Пратениците од сите пратенички групи имаат одговорност пред граѓаните, наместо со блокади и деструкции, преку аргументи и конструктивност да дадат придонес при усвојувањето на заклучоците околу предлогот на француското претседателство. Преку заклучоците, дополнително ќе се обврзе Владата актуелната но и секој идна Влада, да ги зачува црвените линии во согласност со Декларацијата донесена во Собранието,а тоа е зачувувањето на македонскиот јазик, без фусноти, додавки како и македонскиот идентитет и посебноста на државата кои не смеат да бидат дел од преговарачката рамка“,
велат од СДСМ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека власта преку Собранието сака да носи веќе донесена одлука, а „браната за Уставните измени е ВМРО-ДПМНЕ“.

„Ковачевски ги тера пратениците од СДСМ и помалите партии од коалицијата да гласаат за предлогот во Собрание, затоа што сака да сподели одговорност со пратениците кои ги гледа само како гласачка машина. Тоа што власта го става предлогот на дневен ред во Собрание е само театар. Ковачевски, СДСМ и ДУИ немаат 2/3 мнозинство и нема да имаат. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи Уставни промени. Овој предлог на Ковачевски е на штета на македонските интереси и затоа тој треба да биде отфрлен, а не да се тераат пратениците од власта на сила да го гласаат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според најавите, извесно е дека предлогот, односно заклучоците ќе добијат најмалку 70 гласа. Поддршка, освен пратениците од владината колација (СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ДПА) даваат и опозициските партии од албанскиот корпус (Алијанса за Албанците и БЕСА).
Седницата е закажана за утре во 13:30 часот. Половина час пред почетокот на оваа седница, ќе биде одржана посебна седница на собранието на која пред пратениците ќе се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.