Актуелната математичка формула не само што ги фаворизира поголемите, туку има и неправедна распределба на мандатите според освоените гласови. Гледате дека за во шестата изборна едница, ако требаат шест илјади гласа за пратеник, во првата изборна единица може да требаат и до десет илјади гласови. Харе попропорционално и посоодветно дава можности за посоодветна застапеност и помал јаз помеѓу гласовите, вели Зајкова
Пратеничката во парламентот и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“ порача дека во нејзината партија има подготвеност да се разговара за промена на формулата за распределба на пратеничките мандати на избори, ако големите партии повотрно го отфрлат предлогот за една изборна единица. Зајкова вели дека воведувањето на т.н. Харе-квота „ги пегла“ недостатоците на актуелната Донтова формула според која се делат пратеничките места.
„Истражувањата покажуваат дека таа е поповолна за, условно речено, помалите политички партии и би дало поеднакво вреднување на гласот и посоодветна распределба на мандатите во парламентот. Затоа што актуелната математичка формула не само што ги фаворизира поголемите, туку има и неправедна распределба на мандатите според освоените гласови. Гледате дека за во шестата изборна едница, ако требаат шест илјади гласа за пратеник, во првата изборна единица може да требаат и до десет илјади гласови. Харе попропорционално и посоодветно дава можности за посоодветна застапеност и помал јаз помеѓу гласовите“,
вели Зајкова.

Ако се прифатат дел од барањата на помалите партии за промена на изборниот модел, Зајкова вели дека тие ќе настапат сами на избори или во коалиција со партија со која имаат сродни изборни програми или граѓански концепт. Со нов изборен модел ќе дојде до израз секоја идеологија и изборна програма, смета претседателката на ЛДП.
„Ваквиот систем во Македонија навистина ги попречува малите партии да одат сами на избори. Согласно Изборниот законик, имате поголема медиумска претставеност и повеќе финансиски средства од државата за поголемите партии. Четирите поголеми партии, двете од македонскиот и двете од албанскиот блок, добиваат средства за аналитички центри, нешто што ние како помали партии го немаме како можност“,
додава Зајкова.
Во однос на прашањето за родовата застапеност, Зајкова се повикува на симулација направена во анализа на НДИ која покажува дека при една изборна единица, би имало повеќе жени во Собранието, ако се земат предвид резултатите од последните избори во 2020 година.

Зајкова стравува дека темата за измена на Изборниот законик може да остане повторно само на ниво на дискусија во работната група, но не сака да прејудицира кој може да биде кочничар за воведување една изборна единица, откако пратеникот Павле Трајанов ги обвини СДСМ и ДУИ дека не сакаат смена на изборниот модел. Прашањето веќе се дискутирало во владината коалиција, вели Зајкова, која додава дека ова било еден од условите на ЛДП за останување во коалицијата, кога на чело на Владата застана Димитар Ковачевски.
„Не сметам дека на ваквите прашања треба да се уценува, но тие веќе се разговараат во коалицијата. Нема да прејудицирам кој е блокатор затоа што низ годините сме виделе дека поголемите партии си ја префрлаат топката. Некогаш ВМРО-ДПМНЕ блокираше или поставуваше високи прагови. Ќе даде поддршка, но со праг од 5%, што не носи никаков ефект. ДУИ блокираше со амандмани во претходниот парламентарен состав, така што сите си наоѓаат начини како да го блокираат ова прашање и затоа напоменав дека ако нема расположение за една изборна единица, треба искрено да кажат сите партии и да размислуваме на нови начини, меѓу кои, може да биде и промена на математичката формула“,
вели Зајкова.