Според него, за такво нешто воопшто нема да се расправа на денешната седница на партиското претседателство
Таквите дезинформации, како што додава, се објавуваат со цел да се деморализираат нивните гласачи во пресрет на вториот круг од локалните избори кои се закажан за 2 ноември
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, денеска ги демантира објавите во медиумите дека лидерот на партијата, Али Ахмети, по локалните избори ќе се повлече од политичката сцена, пренесува МИА.
Ваквата негова изјава следува откако медиумот на албански јазик „Фол“ објави дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сериозно размислува да повлече од активната политика по завршувањето на вториот круг од локалните избори.

Според него, за такво нешто воопшто нема да се расправа на денешната седница на партиското претседателство.
„Повлекувањето на Али Ахмети воопшто не доаѓа во предвид. Напротив, ние се чувствуваме како победничка партија на локалните избори. Освоивме 23 000 гласа повеќе од ВЛЕН, а го зголемивме и бројот на советници на 120. Со толку гласови на парламентарните избори би го зголемиле бројот на пратеници на 20, додека ВЛЕН би освоиле само 15“,
изјави тој.
Таквите дезинформации, како што додава, се објавуваат со цел да се деморализираат нивните гласачи во пресрет на вториот круг од локалните избори, закажан за 2 ноември.
Најави дека на денешната седница на претседателството на ДУИ ќе се разгледува актуелната политичка состојба во земјава и ќе се даде оценка за првиот изборен круг од локалните избори.
Медиумот на албански јазик „Фол“ објави дека Ахмети сериозно размислува да се повлече од политичката сцена по локалните избори и дека одлуката веќе им ја соопштил на некои од неговите најблиски соработници, а се консултирал и со политички партнери од Албанија и Косово.
Како што објави медиумот, се очекува конечната одлука Ахмети да ја соопшти по вториот круг од изборите, за да не им наштети на кандидатите за градоначалници од партијата.
По изборите на 19 октомври, Ахмети не даде изјава во медиумите ниту, пак, се огласи на социјалните мрежи.
Коалицијата „Национална алијанса за Албанците“, предводена од ДУИ, во првиот круг победи во Општините Липково и Пласница.
