Пријави за поставени експлозивни направи биле испратени на електронските адреси на 30 училишта во Скопје, а вакви заканувачки пораки добиле и уште 17 училишта во Куманово

Лажни се дојавите за поставени бомби што вчера стигнале на електронските адреси на училишта во Скопје и во Куманово, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
По добиените пријави за поставени експлозивни направи, полициски службеници излегле на терен, а по проверките во училиштата се утврдило дека и денешните дојави за бомби се лажни.
„Веднаш се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека се работи за лажни пријави“,
велат од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека вчера околу 18 часот кај нив било пријавено дека 30 училишта во Скопје добиле заканувачки пораки, а вакви пораки добиле уште 17 училишта во Куманово.
Инаку, вчера, по добиените пријави, раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ, информира дека сите ученици биле безбедно евакуирани.
Дел од медиумите вчера објавија дека дојавите за бомби во Скопје пристигнале на електронските адреси на училишта во Општина Аеродром, по што сите попладневни активности во тие училишта биле прекинати, а децата биле испратени дома.
