Веднаш откако биле добиени пријавите, биле активирани протоколите за постапување во вакви случаи и полициски службеници излегле на терен

Лажни биле дојавите за бомби што денеска биле пријавени во неколку училишта во Скопје и во Тетово, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од МВР велат дека веднаш откако биле добиени пријавите, биле активирани протоколите за постапување во вакви случаи и полициски службеници излегле на терен, по што утврдиле дека станува збор за лажни дојави.
„Од страна на Секторот за компјутерски криминал во содејство со секторот за тероризам, а преку секторот за меѓународна полициска соработка се преземаат мерки, односно се врши истрага во однос на тоа кој е сопственик на електронската пошта, односно од каде се испраќани лажните дојави за бомби“,
велат од тетовската полиција, од каде што додаваат дека самите истраги се исклучително комплексни, поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка.
Минатата недела во тетовската полиција било пријавено за поставена бомба во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во истиот град, а по извршените контроли од полициските службеници беше утврдено дека станува збор за лажна дојава.
