Од МВР соопштија дека ги направиле потребните проверки и дека е утврдено дека пријавата за напад не е веродостојна
Лажна била и оваа пријава за напад во центарот на Скопје, соопштуваат од МВР, откако денеска едно лице се јавило во билетарницата и го вклучило „алармот“, по што беа евакуирани повеќе институции во околината на објектот на МНТ.
„МВР ги направи потребните проверки и утврдено е дека пријавата за напад е лажна. Се преземаат мерки за утврдување на пријавата и преземање соодветни мерки и санкции против личноста која лажно пријавила. Им благодариме на граѓаните за трпението и на медиумите за професионалниот однос кон ситуацијата“,
се наведува во соопштението од МВР.
Од полицијата претходно информираа дека постапуваат по пријава за напад откако за тоа стигнала приојава во билетарницата на МНТ.
Додека полицијата го чешлаше теренот и ја испитуваше веродостојноста на пријавата, повеќето сообраќајници и приоди од и кон овој дел на градот беа затворени за сообраќај и за движење.
Пред неколку дена беа приведени три лица поради објава на два видео-клипа на платформата „Тик ток“ во кои има лажни закани за можен терористички напад на еден трговски центар во Скопје. Откако биле објавени видеата, во акцијата се вклучиле повеќе сектори во МВР, како тој за борба против тероризам и секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, но и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Трите лица, од кои двајца се татко и син, биле лоцирани, а од јавен обвинител е добиена насока да се направи претрес во нивните домови. Едно од лицата е 26-годишно момче од селото Студеничани додека таткото и 22-годишниот син се од Скопје.