Од полицијата велат дека постапувале по пријава, но не нашле елементи на кривично дело
Полициски екипи се упатиле попладнево во Градскиот трговски центар во Скопје, по пријава дека во магацините на објектот се поставени машини за копање криптовалути кои нелегално биле приклучени на струја.
МВР се огласи вечерва за акцијата, соопштувајќи дека на самото место не е утврдена кражба на струја, ниту елементи за кривично дело.
„Денеска во 14.45 часот, во СВР – Скопје, А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ ‘имало поставено машини за копање криптовалути’, односно дека заради наводна интернет трговија со криптовалути, извесни лица извршиле кражба на електричнаенергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини за трговија со криптовалути“,
информираат од МВР.
Полициски службеници, како што се наведува, веднаш излегле на самото место, согласно пријавата, и извршиле разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН. Притоа, се посочува, за броилата кои се во приватна сопственос, не е утврдена каква било кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик.
„Во август 2021 година, по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело – ‘кражба на електрична енергија’, исто така, е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија, ниту се лоцирани компјутери за копање криптовалути. Имено, копањето криптовалути не претставува кривично дело, предвидено во Кривичниот законик на РСМ, “
велат од МВР.