По завршувањето на проверките, околу 6 часот, аеродромот продолжи со редовно работење

Два ипол часа по полноќ на телефонскиот број за итни случаи 112 стигнала пријава за поставена бомба во авион што требало да полета од скопскиот аеродром кон Турција. Откако стигнала пријавата сообраќајот на аеродромот бил времено запрен.
Пријавата била испратена до Министерството за внатрешни работи, а антитерористичката единица веднаш почнала со проверките.
По извршените проверки било утвредено дека пријавата е за лажно поставена бомба.
„Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни активности и извршени се потребните проверки од страна на антитерористичката единица при МВР и утврдено е дека пријавата е лажна, односно дека нема никаква експлозивна направа“,
велат од МВР.
По завршувањето на проверките, околу 6 часот, аеродромот продолжил со редовно работење.
Информацијата дека станува збор за лажно поставена бомба ја потврдија и од ТАВ Македонија.
„Околу 2:50 минути, до Единицата за информирање и командување при Министерството за внатрешни работи е пристигната дојава за експлозивна направа во воздухоплов на Меѓународен аеродром ‘Скопје’. Согласно процедурите за постапување, аеродромските служби, како и сите релевантни служби и институции при МВР беа веднаш известени и активирани беа сите планови и процедури за постапување при вакви настани. Единици на МВР во координација со Одделот за обезбедување на ТАВ Македонија веднаш ги презедоа сите неопходни мерки и проверки и утврдија дека заканата е лажна“,
се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Оттаму додаваат дека сообраќајот од 6 часот утринава продолжил по редовниот распоред.