Чешката полиција информира дека оваа нелегална стоматолошка ординација лекувала десетици пациенти и остварила приход од околу 160 илјади евра
Лажен стоматолог и двајца негови асистенти лекувале десетици пациенти во Чешка со помош на инструкции што ги добивале од интернет, пренесува „Гардијан“.

Чешката полиција ги уапсила, а во соопштението за овој случај се наведува дека 22-годишниот маж вадел заби, извршувал сложени операции на забни канали со употреба на анестезија, со помош на упатства и информации што ги добивал од интернет.
Тој заедно со уште двајца членови од неговото семејство отворил комплетно опремена стоматолошка ординација, без лиценца и потребна квалификација во чешкиот град Хавличков Брод во 2023 година.
„Лажниот стоматолог правел прегледи, вадел заби, чистел забни канали и давал анестезија. Како медицинска сестра работела 50-годишна жена, додека 44-годишен маж го обезбедувал просторот и изработувал протетика за пациентите“,
се вели во соопштението од чешката полиција.
Медицинската сестра работела во здравствениот сектор, што ѝ овозможувало да дојде до анестетици, но и друг стоматолошки материјал, како пломби, прашок за чистење, лепило, материјал за отпечатоци.
Чешката полиција информира дека оваа нелегална стоматолошка ординација лекувала десетици пациенти и остварила приход од околу 160 илјади евра.
На обвинетите им се заканува затворска казна од осум години.
Инаку, поради недостиг на стоматолози во Чешка, тамошниот парламент минатата година усвои закон со кој се олеснува вработувањето на стоматолози од земји надвор од Европската Унија.