Поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, смета дека иако Судот можел да ги отфрли жалбите во рана фаза на поднесување, тој, сепак, предметот го одлучил во совет од седум судии поради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите, но и за националните власти
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во секој степен од постапката може да одлучи да отфрли определена жалба од списокот на предмети, вели за МИА поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, коментирајќи ја одлуката на ЕСЧП за отфрлање на жалбите на осудените и обвинетите во предметите што ги отвори поранешното СЈО, а за кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов прво донесе одлука да ги помилува, а потоа ја повлече,

„Во конкретниот случај, иако жалбата по оценка на Судот била дека жалбите треба да се отфрлат поради неисцрпеност на домашните правни лекови и можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој сепак предметот го одлучил во совет од седум судии поради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите, но и за националните власти“,
нагласува судијката Лазарова-Трајковска.
Вели дека со одлуката за отфрлање на жалбите, ЕСЧП оценил оти жалителите не ги искористиле сите редовни и вонредни правни лекови кои им ги нуди националното право, а во оваа насока додава дека Судот може да прифати случај откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства.
„Денеска ЕСЧП одлучи да ги отфрли жалбите во врска со можни повреди на правото на правично судење на жалителите кои се повикаа на дадените па повлечени помилувања. Ова е од причина што Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, и во рок кој во време на поднесувањето бил шест месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука од страна на националните власти“,
изјави Лазарова-Трајковска.
Додава дека ваквата одлука на ЕСЧП може да влијае само во однос на преиспитување од страна на жалителите дали сè уште останале можности за искористување на правни лекови пред националните судови или во некои постапки тие рокови се поминати.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени.
Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти ЕСЧП. Тоа би значело дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.
Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои отвори постапки СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.
Пред ЕСЧП тие се жалат дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото, како и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност.
Апликантите во Стразбур заедно со нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.