Доколку процедурата за избор на кандидати за нов судија во Европскиот суд за човекови права се пролонгира, сегашниот судија Јован Илиевски ќе продолжи да ја извршува функцијата до изборот на нов

Мандатот на актуелниот судија од земјава во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Јован Илиевски, завршува на 31 јануари, а постапката за избор на негов наследник е во тек.
Владата формира нова комисија што треба да предложи кандидати за оваа позиција откако не ги прифати предлозите на првата, но останува дилемата дали има доволно време за избор на нов судија, имајќи предвид дека Парламентарното собрание на Советот на Европа има пленарно заседание од 26 до 30 јануари в година.
„Има веројатно време да се достави листа ако дома се заврши работата, ако националната комисија ја заврши работата“,
изјави Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд и потпретседателка на Советодавниот панел во рамките на Советот на Европа.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, таа рече дека постапката зависи од динамиката и квалитетот на предлозите што ќе бидат доставени:
„Ако овде динамиката се забрза, ако е добра листата којашто ќе стигне пред Советодавниот панел, што значи ако нема враќање на кандидати, ако нема забелешки во однос на еден, двајца кандидати, тогаш има време. Меѓутоа, ако таа постапка овде се усложни, ако има враќање од страна на Советодавниот панел, тогаш тоа ќе трае малку подолго“.
Доколку процедурата се пролонгира, сегашниот судија Јован Илиевски ќе продолжи да ја извршува функцијата до изборот на нов.
Притоа, Лазарова-Трајковска додаде дека таа ќе се изземе од одлучувањето во рамките на седумчлениот Советодавен панел, бидејќи доаѓа од истата држава.
Постапката за избор на судија од С Македонија во ЕСЧП во Стразбур се одвива во неколку етапи – прво домашната комисија селектира кандидати, Владата ја утврдува листата, по што Советодавниот панел во Советот на Европа проверува дали се исполнети основните услови, а потоа Комитетот на Парламентарното собрание спроведува интервјуа со кандидатите. Конечната одлука ја носи пленумот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на предлог на Комитетот.
Во однос на тоа што Владата не ја утврди првичната листа со трите предложени имиња — Јордан Апостолски (адвокат), Габриела Гајдова (апелациска судијка) и Ленче Ристоска (обвинителка во ОЈО Скопје и за врска со Евроџаст), Лазарова-Трајковска вели дека секоја одлука Владата мора детално да ја објасни:
„Одлуката да одат на овој начин ќе биде ценета од Советодавниот панел и кога ќе биде праќана која било листа, ќе мора да се опишат овие фази од постапката и ќе треба да се кажат причините зошто таа постапка е завршена така како што е завршена“.
Според неа, транспарентноста и правичноста се клучни при националниот изборен процес:
„Транспарентност во постапувањето, тоа значи навремено објавување на конкурсот, доволно долго траење за да можат да се информираат сите заинтересирани, и правично постапување, односно градење критериуми врз основа на кои ќе се изберат кандидати“.
Критериумите, вели таа, се утврдени во Европската конвенција за човекови права и најчесто предност имаат судии од високите судови или професори кои се истакнале во заштитата на човековите права.
„Обвинители многу ретко, и тоа е секогаш поврзано со некоја друга кариера. Некаде над 50% се судии од високите судови, околу 35% се професори…“,
рече таа, додавајќи дека Советодавниот панел особено цени биографии што покажуваат активност во меѓународни организации и ангажман во областа на човековите права.
Доколку Комитетот на Парламентарното собрание, кој предлага еден од тројцата кандидати предложени од државата, се колеба, тој доставува и забелешка дека со мал број гласови разлика му дава примат на едниот кандидат пред другиот и, како што вели Лазарова-Трајковска, практично праќа порака на Парламентарното собрание – ние имаме дилема. Таков беше случајот при претходниот избор на судија од земјава, кога Комитетот ѝ даде предност на Наташа Габер, но Парламентарното собрание на Советот на Европа го избра Јован Илиевски.
