Зеленски и Путин се сретнаа само еднаш на разговори во Париз во 2019 година
Директните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот лидер Володимир Зеленски би биле контрапродуктивни, оцени рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров додека делегациите се подготвуваа за разговори, чиј домаќин ќе биде Турција.
„Путин рече дека никогаш не одбил да се сретне со претседателот Зеленски. Единственото нешто што го смета за суштински важно е овие состаноци да бидат добро подготвени“,
рече Лавров во телевизиските коментари за новинарите откако Зеленски повика на средба со неговиот руски колега.
Тој истакна и дека без претходна подготовка и основа разговорите би биле контрапродуктивни.
„Сегашната криза толку долго тлее, сите овие години се создадоа огромен број проблеми, затоа само состанок и размена на мислења сега, во овој момент, би било контрапродуктивно“,
додаде Лавров.
Зеленски и Путин се сретнаа само еднаш на разговори во Париз во 2019 година.
Претходно денеска Зеленски рече дека постои можност и потреба за средба во четири очи во Турција.
„Претстои нова рунда преговори, затоа што ние се стремиме кон мир, навистина, без одлагање. Како што ме информираа, постои можност и потреба за средба во четири очи во Турција. Тоа не е лошо. Да го видиме резултатот“,
рече тој во видеопорака, објавена рано утринава.