Русија на 17 декември објави нацрти од договорот за безбедносните гаранции со САД и НАТО

Русија и САД ќе одржат прва рунда разговори за безбедносните гаранции со САД во јануари, соопшти денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој во интервју за „Раша тудеј“ потсети дека советниците на рускиот и американскиот претседател за надворешна политика, Јуриј Ушаков и Џејк Саливан, веќе одржале низа на состаноци на кои е договорено кон почетокот на следната година да започнат преговорите.
Според неговите зборови, преговарачите се именувани и се прифатливи за двете страни, пренесува Тасс.
Лавров одговорот на САД на понудата на Русија за безбедносни гаранции ја оцени како „бизнис-зделка“, но додаде дека Москва и Вашингтон постигнале одреден степен на согласност во механизмите на дијалог.
Шефот на руската дипломатија оцени дека коментарите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за понудата на Москва за безбедносните гаранции се „несоодветни“.
Лавров изјавата на Столтенберг ја оцени како „прилично арогантна“.
Русија на 17 декември објави нацрти од договорот за безбедносните гаранции со САД и НАТО, кои, меѓу другото, вклучуваат и одредби за тоа НАТО да престане да се шири кон исток.