„Мојот колега Блинкен го избегна самитот, но јас сум тука. Блинкен си замина, Борел си замина. Зошто го направија тоа? Веројатно сакаа да ја нагласат нивната намера за изолација на Русија, но мислам дека едноставно постапија кукавички. Се исплашија од секаков искрен разговор поткрепен со факти“, изјави шефот на руската дипломатија
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој денеска одржа прес-конференција на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, одговарајќи на новинарски прашања, оцени дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел постапиле кукавички бидејќи си заминале од земјава уште пред официјалниот старт на состанокот и избегнале можна средба со него.
„Мојот колега Блинкен го избегна самитот, но јас сум тука. Блинкен си замина, Борел си замина. Зошто го направија тоа? Веројатно сакаа да ја нагласат нивната намера за изолација на Русија, но мислам дека едноставно постапија кукавички. Се исплашија од секаков искрен разговор поткрепен со факти“,
изјави Лавров.
„Мојата портпаролка ми покажа две различни фотографии од самитот објавени во медиумите. Првата беше од неформалната вечера на која присутните направија заедничка фотографија. Сега ми е јасно зошто го направија тоа – за да се осигураат дека медиумите ќе го објават тоа и ќе кажат дека дошле сите освен министерот Лавров, кој е изолиран. Но, отворањето на самитот беше вчера наутро и другите медиуми објавија фотографија од утринската сесија каде што беа присутни сите земји вклучувајќи ја и Руската Федерација која ја претставувам јас заедно со моите колеги“,
додаде шефот на руската дипломатија.
Тој го обвини Западот оти изминатите две години води хистерична хибридна војна против Русија.
„Гледаме дека немаат аргументи. Ние ги презентиравме нашите факти вчера во детали и никој не се спротивстави“,
рече Лавров.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен присуствуваше на неформалната вечера во средата пред почетокот на официјалниот дел на самитот, која, пак, рускиот министер ја пропушти. Рускиот министер отсуствува и од заедничката фотографија на учесниците на неформалниот собир.
Лавров пристигна во Скопје во средата околу 23 часот – времето кога од земјава веќе беше заминат државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој веднаш потоа отпатува за Израел.
Рано изутрината, пред почетокот на состанокот, од земјава замина и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Сепак, вечерта од Скопје порача дека доаѓањето на Лавров на состанокот во Скопје е добра можност да може да чуе зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа да се врати во Москва и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудата на агресивното и незаконско однесување на Русија.