Попладне, пак, претседателката на ЕК ќе допатува во посета на Скопје, при што, меѓу другото, со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија. Во кино „Фросина“ ќе одржи заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата Стево Пендаровски
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, преку објава на Твитер го изрази своето задоволство што ја започнала балканската турнеја токму од Албанија.
Преку објавата по средбата со премиерот Еди Рама, таа истакна дека нејзината порака е јасна: Иднината на Албанија е во ЕУ.
„Мило ми е што ја започнав посетата на Западен Балкан од Албанија. Мојата порака е јасна: Иднината на Албанија е во ЕУ. Европската комисија силно се придржува кон оваа определба. Со добар напредок во реформите во правосудството, Албанија постигна успех. Сега ЕУ мора да го стори истото“,
напиша таа.
Delighted to start my visit to the Western Balkans in Albania.⁰
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) September 28, 2021
My message is clear: Albania’s future is in the EU.
The @EU_Commission stands firmly by this commitment.
With good progress on justice reforms, Albania has clearly delivered. Now the EU should do too. pic.twitter.com/VLYjz7s8oU
По средбата со премиерот Еди Рама во Палатата на бригадите, во претседателската резиденција претседателката на ЕК, Лајен ја прими шефот на државата Илир Мета.
Лајен и Рама ќе учествуваат на свеченото предавање во употреба на реконструирани училиште и градинка, оштетени од катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата на 26 ноември 2019 година, обновени со средства од фондовите на ЕУ во рамки на програмата „EU4Schools“, по што ќе имаат заедничка прес-конференција.
Попладне, пак, претседателката на ЕК ќе допатува во посета на Скопје, при што, меѓу другото, со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, по што ќе одржат средба на која ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Заев и Фон дер Лајен ќе одржат заедничка прес-конференција во кино „Фросина“ во МКЦ, кое е реновирано со средства од ЕУ.
Подоцна Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата, во присуство на претседателот на Собранието Талат Џафери и други високи претставници.