Тој упати уште една порака до политичарите од регионот, дека мора да го научат значењето на зборот консензус и тој да стане норма и на Балканот
Политичарите се избрани да ја менуваат иднината, а не историјата, која треба да да ја остават настрана, порача специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан и посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина на пладневната панел сесија во рамките на „Преспа форумот за дијалог“ што се одржува во Струга.

„Во денешниот Западен Балкан има премногу минато, што ја засенува иднината на регионот во ЕУ. Тоа го кочи Балканот, и на крајот не слуѓи никому, а најмалку на сите негови граѓани. Ова мора да се промени“,
рече Лајчак.
Тој упати уште една порака до политичарите од регионот, дека мора да го научат значењето на зборот консензус и тој да стане норма и на Балканот.
„Во овој регион консензусот сè уште се третира како лош збор. Претставува слабост и сите велат: јас морам да победам – што значи дека некој друг мора да изгуби. Затоа мојата втора порака за политичарите е: имајте на ум и верувајте дека сите можат да излезат како победници. Ова е тестирано, докажано е на секојдневна основа и би било одлично ако стане норма и на Балканот“,
истакна специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан.
На „Преспа форумот за дијалог“ кој денеска и утре се одржува во Струга учествуваат домашни и меѓународни високи политички претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации.
Дел од нив денеска говореа на повеќе панел сесии на кои ги споделија нивните анализи, мисли и идеи за повеќе регионални и меѓународни теми.