Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, ја оцени како тешка средбата меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Тој вели дека се разговарало за неколку конкретни предлози, но дека единствениот заклучок е дека дијалогот ќе продолжи.
„Средбата беше тешка и покажа многу различни пристапи на двете страни за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Последица на тоа е многу мал напредок постигнат денеска“,
рече Лајчак по состанокот.
Како што рече Лајчак, преговарачите ќе се сретнуваат еднаш месечно со цел да ги подготват состаноците на највисоко ниво. Вучиќ и Курти се согласиле преговорите да продолжат во септември.
„За ЕУ е важно да се нагласи дека европската иднина за Србија и Косови зависи од нормализирање на нивните односи и заради тоа очекува двете страни да работат заедно, да го надминат минатото и да ги решат меѓусебните тековни проблеми“,
кажа Лајчак.
Вучиќ и Курти се состанаа денес во Брисел, како дел од продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со учество на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Јозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак
Претходно денес, Лајчак се состана одделно и со Вучиќ и со Курти.