Според проекциите, лабуристите ќе освојат 410 мандати во Долниот дом на британски парламент кој брои 650 члена. По 14 години на власт, конзервативците ќе заминат во опозиција и, според излезните анкети, ќе паднат на 131 пратеник
Британските лабуристи ја однесоа најубедливата изборна победа во последните 192 години. Првичните резултати, по сè уште нецелосно обработени гласови од вчерашните општи избори во Велика Британија, покажуваат дека Лабуристичката партија на Кир Стармер освои апсолутно мнозинство во Долниот дом на британскиот Парламент.
Според проекциите, лабуристите ќе освојат 410 мандати во 650-члениот Парламент. Доколку прогнозите се покажат точни, тоа значи дека Кир Стармер ќе стане новиот премиер на Велика Британија.
По 14 години на власт, конзервативците ќе заминат во опозиција и, според излезните анкети, ќе паднат на 131 пратеник, што е нивниот најлош изборен резултат во повоената историја.
Лидерот на лабуристите, кој се очекува да биде идниот британски премиер, синоќа ѝ се обрати на јавноста со ветување дека неговата влада секогаш ќе ја става државата на прво, а партијата на второ место. Ваков мандат, оцени Стармер, доаѓа со голема одговорност. Додаде дека неговата влада ќе се фокусира на национална обнова.
Сè уште актуелниот премиер на Британија, Риши Сунак, го призна изборниот пораз.
„Лабуристичката партија победи на овие избори. Ја преземам одговорноста за загубата. Денес власта ќе се смени на мирен и уреден начин, со добра волја од сите страни. Тоа е нешто што треба да ни даде доверба на сите во стабилноста и иднината на нашата земја“,
рече Сунак и додаде дека му се јавил на лидерот на лабуристите Кир Стармер за да му ја честита победата.