Лабуристичката партија на чело со актуелниот премиер Ентони Албанезе победи иако пред само два месеца анкетите покажуваа убедливо водство на неговите противници

Ентони Албанезе ја доби поддршката од австралиските гласачи да продолжи да ја води земјата како премиер и во наредните четири години. Тој прогласи победа на денешните парламентарни избори, на кои им претходеше тешка трка во која тој од аутсајдерска позиција стана победник, најверојатно поради стравот од влијанието на американскиот претседател Доналд Трамп, кој не ја поштеди Австралија од царините кои ги наметна пред еден месец.
„Му се заблагодарувам на народот на Австралија што ми даде можност да продолжам да ѝ служам на најубавата земја во светот“,
рече Албанезе.
На анкетите пред три месеци неговите противници од конзервативната партија уживаа големо водство и изгледаа како веројатни победници на изборите бидејќи Австралијците го вперија прстот во Албанезе за зголемувањето на животните трошоци во земјата – прашање кое беше доминантно што влијаеше на општеството во земјата.

Но, ситуацијата се промени кога американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини за голем број земји во светот, вклучувајќи ја и Австралија. Со овој потег гласачите им го свртеа грбот на конзервативците кои се сметаат за политички блиски соработници со американскиот претседател.
Британскиот премиер Кир Стармер беше меѓу првите светски политичари кој упати честитки до австралискиот премиер за неговата изборна победа, истакнувајќи ги блиските врски помеѓу двете земји и волјата да соработуваат и понатаму за унапредување на животот на граѓаните во двете земји.
„Ќе продолжиме да работиме заедно на нашите заеднички амбиции за подобрување на животот на работниците во нашите две земји“,
рече Стармер.