Според директорот на ФЗО, Сашо Клековски, овој договор има две клучни цели – зголемување на капацитетите за онколошки анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување практична дејност за идните генетичари што се образоваат на овој факултет
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) ќе прави напредни молекуларно-дијагностички анализи кај разни онколошки состојби. Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и ПМФ денеска склучија договор за изведување на овие анализи, како и за генетски анализи за онколошките заболување, кои ќе станат достапни за осигурениците на товар на Фондот.

Според директорот на ФЗО, Сашо Клековски, овој договор има две клучни цели – зголемување на капацитетите за онколошки анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување практична дејност за идните генетичари што се образоваат на овој факултет.
Посочи дека лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во земјава, туку и во регионот.
Со тоа, пациентите со рак ќе добиваат побрза и попрецизна дијагноза преку новата технологија за генетско секвенционирање (NGS), што потоа на лекарите ќе им овозможи да ја препишат најефективната терапија.
Оваа лабораторија на ПМФ, според него, треба да послужи како втора лабораторија која ќе ја покрива онкологијата, со цел да се обезбедат повеќе услуги, но и да биде бекап ако примарната, поради различни причини, не може да ги обработи сите потребни пациенти.
Деканот на ПМФ, Даворин Трпески, рече дека Факултетот првпат во својата историја, во своето 80-годишно постоење, покрај вршењето научна и образовна дејност, ќе помогне во здравствената дејност во државата.
Според раководителот на лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, проф. д-р Сашо Панов, овие анализи се круцијални за примената на прецизната медицина и таргетираната терапија кај ракот бидејќи, како што рече, без детални генетски анализи, примената на скапата биолошка терапија може да биде не само финансиски товар, туку и неефикасна за пациентот доколку ја нема соодветната мутација.
Лабораторијата, како што беше соопштено при потпишувањето на договорот, се очекува да почне со работа по завршувањето на техничките подготовки и набавката на потребните материјали.
