Весникот „Ла Верита“ денеска објавува нов напис – продолжение на вчерашниот, кој се однесува на набавката на кинески вакцини од „Синофарм“ и содржи две писма од министерот Венко Филипче
Италијанскиот весник „Ла Верита“ втор ден објавува написи поврзани со набавката на кинески вакцини во нашата земја.
Денеска весникот, кој стана популарен кај нас по објавувањето снимки за случајот „Рекет“, објавува две писма од министерот за здравство Венко Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“ од 25 декември лани и од 25 јануари годинава.

Како што може да се види од објавените документи на „Ла Верита“, Филипче уште во декември испратил писмо до кинеската компанија во кое изразува интерес на нашата земја за набавка на нивната вакцина.

Но она што весникот го истакнува како проблематично е, всушност, содржината на второто писмо во кое компанијата, односно Кина, се ослободува од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.

Денешниот напис е, всушност, продолжение на вчерашниот, каде што новинарот на италијанскиот весник објавува зошто е вратен авансот што го уплати земјава за набавка на 200 000 вакцини – бидејќи требало да се одвива преку посредничка фантом-фирма, со седиште во Хонгконг, а тоа оставило сомнеж кај официјален Пекинг што, пак, довело до поништување на процедурата.

Обете писма на Филипче што денеска ги објавува „Ла Верита“ оделе преку фирмата „Стабри интернешнл“ (Starbi International) од Хонгконг, основана во 2017 година, без информации за бројот на вработени и без медицинско ниту фармацевтско портфолио.
Нема ништо скандалозно, тврдат Заев и Филипче
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во изјава за Канал 5 рече дека нема ништо незаконско ниту скандалозно во набавка на кинеските вакцини и ги демантира написите на италијанскиот весник „Ла Верита“.
„Апсолутно демантирам дека тоа е скандал или што било друго. Мислам дека е сериозен доказ дека се обидуваме апсолутно по сите канали да стигнеме до вакцините. Во однос на конкретниот случај, после добиените дозволи од кинеското Министерство за здравство, од кинеското Министерство за надворешни работи укажаа дека треба да се следи друг канал за набавка и тоа го послушавме и го направивме, и затоа сега на некој начин се одолговлече тој процес, затоа се врати уплатата“,
изјави Филипче за Канал 5.
Претходно, вчера и премиерот Зоран Заев рече дека не го прочитал текстот на италијанскиот весник, но конкретно за кинеските вакцини посочи дека една од фирмите преку која се обиделе да ја направат нарачката била фирмата мајка на компанијата „Синохидро“, која е ангажирана во земјава за изградба на патишта.
„Негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување, зашто во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали. Јас ја информирав јавноста, и министерот за здравство информираше дека после две недели чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку ‘Синофарм’ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада“,
рече Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го нарече ова „уште еден меѓународен скандал и тонење во корупција“.