Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, во изјава за „360 степени“ вели дека комплексот ќе биде отворен од јуни годинава, а месечната кирија ќе изнесува околу 3 500 евра
По седум години неработење, комплексот „Македонско село“ добива нов концесионер, објави директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски. Во изјава за „360 степени“, Томовски вели дека за нов концесионер е избрана фирмата „Ла Тераца“, чија понуда била најповолна во вториот конкурс кој беше објавен од СОЗР.
Томовски вели дека согласно договорот, сè што ќе се инвестира ќе остане во сопственост на државата и оти на последниот конкурс се пријавиле две компании. Комплексот „Македонско село“, по седумгодишното неработење, би требало да биде отворен за јавноста од јуни годинава, а цената за месечна кирија изнесува околу 3 500 евра. Победникот на тендерот ќе достави банкарска гаранција, а доколку планира да инвестира во доградба на објектот ќе треба да достави барање до Владата.
Томовски претходно на Фејсбук напиша дека со оваа одлука се прави сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани.
„После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Со оваа одлука правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата“,
напиша Томовски.

„360 степени“ во февруари годинава направи репортажа од запуштениот комплекс. Таму со години единствени посетители се четирите лица кои се ангажирани како обезбедување, а веднаш откако ќе се стапне во комплексот неодминлив е впечатокот на запуштеност и пропаѓање. Замислената жива презентација на македонската култура и традиција сега е поблиску до руина. Трите возила наменети за превоз на туристи кои чинеле 24 000 евра сега се неупотребливи.

Тогаш Томовски соопшти дека на јавниот повик што тогаш беше објавен се пријавиле неколку фирми. Почетната кирија за целиот комплекс на првиот јавен повик изнесуваше 4 000 евра месечно, а заинтересираните имаа можност да наддаваат за четири посебни делови – ресторани и капацитети за сместување.