Таа посочи дека ова што се случува со пожарите во Трубарево, „Дрисла“ и Вардариште е врв на неодговорност и незаинтересираност, а клучните луѓе во државата наместо да преземат одговорност и решенија измислуваат изговори и се обидуваат својата неспособност да ја префрлат на други
Пожарот во Трубарево отвора многу прашања на кои институциите мора да одговорат, граѓаните мора да бидат информирани за загаденоста на воздухот и мора да има одговорност за еколошката катастрофа, изјави денеска на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Како што посочи таа, остануваат отворени прашањата за тоа колкаво количество токсичен отпад изгоре вчера, колкава беше концентрацијата на отровни, корозивни и опасни материи за здравјето на луѓето кои се шират низ воздухот.
„Дали денеска воздухот во Скопје во кој сè уште се чувствува мирис на изгорена пластика содржи отровни и канцерогени честички? Дали е целосно безбедно да се биде на отворено во одредени делови на Скопје и околината, за деца, бремени жени, возрасни, болни?“,
праша Кузеска.
Таа посочи дека ова што се случува со пожарите во Трубарево, „Дрисла“ и Вардариште е врв на неодговорност и незаинтересираност, а клучните луѓе во државата наместо да преземат одговорност и решенија измислуваат изговори и се обидуваат својата неспособност да ја префрлат на други.
„Премиерот Мицкоски вели дека воздухот во Скопје само изгледа загаден, ама не е алармантен. Стојанче Ангелов зборува за хибриден напад, како да сме во шпионски филм, а не во реална еколошка катастрофа. Панче Тошковски е целосно загубен помеѓу измислените приказни и префрлање на одговорноста на некој друг и исто како да не постои. Орце Ѓорѓиевски не гледа чад, туку политички пожари за политички поени. Граѓаните се гушат, а не гледаат институционален одговор на оваа еколошка катастрофа“,
рече Кузеска додавајќи дека нема ниту еден институционален план, ниту една мерка, ниту едно решение.
Таа посочи дека СДСМ бара итна и темелна истрага за сите овие случаи и одговорност.
„Политичка и кривична одговорност за сите што го прекршиле законот, но и за оние од институциите кои не постапиле навреме, а имале обврска да го сторат тоа. Одговорност за овој екоцид мора да има. Наместо држава, имаме шатор на циркузантска влада која прави шоу додека горат депонии и фабрики“,
изјави портпаролката на СДСМ.