Од СДСМ прашуваат дали доцнењето е резултат на неспособност или на свесно партиско калкулирање на Славески, нагласувајќи дека централната банка е место за професионалци, а не за партиски кадри

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го обвинува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека тој незаконски го блокира изборот на нови вицегувернери.
Според СДСМ, мандатот на двете претходни вицегувернерки е истечен уште од минатата година, а законските рокови за нов избор се веќе пробиени.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочи дека директно е прекршен член 55 став 1 од Законот за Народна банка, бидејќи крајниот рок за избор, 22 декември 2025 година, е поминат.
Од партијата сметаат дека во вакви услови овие одлуки на Советот на Народната банка целосно се нелегитимни и нефункционални, а за тоа велат дека Трајко Славески има директна одговорност за оваа состојба.
„Кога клучни позиции не се пополнети, се доведува во прашање функционирањето на Народната банка“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Од СДСМ прашуваат дали доцнењето е резултат на неспособност или на свесно партиско калкулирање на Славески, нагласувајќи дека централната банка е место за професионалци, а не за партиски кадри.
„Ова не е првпат Славески да носи политики на штета на граѓаните. Славески беше против зголемување на минималната плата, директно спротивставувајќи се на интересите на работниците. Како претседавач на Советот на Град Скопје во изминатите четири години, беше дел од хаосот во главниот град – нефункционалност, застој на проекти и целосен институционален распад“,
истакна Кузеска.
СДСМ бара итна истрага за причините поради кои се кочи овој процес. Од партијата порачуваат дека финансиската стабилност на државата не смее да биде жртва на политички игри и на неспособноста на Славески.
