Улици полни со ѓубре, сообраќаен хаос, никакви инфраструктурни решенија, ниту еден сериозен проект за подобар живот. Наместо развој, видовме само застој и назадување, вели Кузеска
Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните, наместо развој и проекти – нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери, обвинуваат од СДСМ. На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска кажа дека општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се претворени во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари.
„Преку фирми блиски до власта, систематски се испумпуваа пари од граѓаните. Најочигледен доказ за тоа е фактот дека едни исти фирми, и во општините и во државните институции, добиваат милионски тендери и речиси секогаш се јавуваат како единствени понудувачи. Тоа не е конкуренција, тоа е корупција во најчиста форма. Додека јавните пари се трошат за партиски бизнис шеми, ВМРО-ДПМНЕ ги удри граѓаните по џеб. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ воведе поскапи сметки за вода, канализација, смет и го зголеми данокот на промет“,
вели Кузеска.

Според неа, сликата на општините под капата на ВМРО-ДПМНЕ е срамна. Улици полни со ѓубре, сообраќаен хаос, никакви инфраструктурни решенија, ниту еден сериозен проект за подобар живот, а на ова како што рече Кузеска, се надоврзува долгиот список на неисполнети ветувања.
Од СДСМ посочуваат дека најголемиот пример за оваа „катастрофална локална власт на ВМРО-ДПМНЕ“ е токму главниот град Скопје.
„И во Скопје четири години ВМРО-ДПМНЕ е локална власт: нивни партиски луѓе како Перински, Христовски, Велковски, Славевски, управуваа со јавните претпријатија во Скопје, со Советот на Градот, со сите полуги на локалната власт. После четири години Скопје е симбол на хаос во јавниот превоз, со нечисти улици и смет на секој чекор, со ниту еден нов капитален проект, јавните претпријатија пред распад и тотално нефункционални. Дополнително, Скопје е задушен град од сообраќаен хаос и урбано дивеење. Над 150 незаконски дивоградби, криминал тежок над 220 милиони евра, узурпиран јавен простор, загрозена безбедност и уништен урбанистички ред. Тоа е сликата на Скопје со ВМРО-ДПМНЕ. Клучното ветување за бесплатен градски превоз во Скопје никогаш не се реализираше. Ги нема ниту ветените 250 еколошки автобуси, нема ниту модерен еколошки транспорт“,
додаде Кузеска.