Партијата обвинува дека во контрарезолуцијата нема јасна одредба за забрана на носење мигранти од Британија за пари, туку дека тие се кријат зад термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“

Крај на мигранти во Македонија се става само ако се потпише резолуцијата на СДСМ, велат од партијата.
Портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција повторно упати критики кон владејачката коалиција ДПМНЕ – ЗНАМ, обвинувајќи ја дека договорила прием на мигранти од Британија во замена за пари, што, како што рече, претставува национално предавство.
СДСМ ја повика власта да ја потпише нивната резолуција, која експлицитно забранува носење мигранти, истакнувајќи дека ДПМНЕ – ЗНАМ веќе една недела одбегнува да го стори тоа.
„Со договорени мигранти за пари ДПМНЕ ја предаде Македонија, ја продаде за пари, за скапи кредит врз грбот на народот. Наместо да застанат заедно со нас, поднесоа контрарезолуција“,
рече Кузеска.
Според СДСМ, со поднесувањето на контрарезолуцијата, коалицијата ДПМНЕ – ЗНАМ го потврдила постоењето на договорот „мигранти за пари“. Партијата обвинува дека во контрарезолуцијата нема јасна одредба за забрана на носење мигранти од Британија за пари, туку дека тие се кријат зад термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“.
Кузеска истакна и дека државата е во тешка финансиска состојба, со дупка од една милијарда евра, трезорот се затвора пред време, а, според неа, доцнат исплатите за породилно, социјална помош, ДДВ, плати и пензии.
СДСМ обвини дека парите не се користат за граѓаните, туку за „пумпање пари преку наместени тендери и бизниси“, при што посочија „криминални шеми“ со 161 тендер и 14,5 милиони евра кај само две фирми.
СДСМ најави дека заедно со граѓаните ќе стават крај на, како што ги нарекоа, „предавничките и криминални политики на ДПМНЕ-ЗНАМ“, велејќи дека борбата за Македонија е почната и нема да застане.
