Претходно и самиот Курц ја поздрави најавата за одземање на пратеничкиот имунитет

Доскорешниот канцелар на Австрија, кој неодамна положи заклетва како пратеник, Себастијан Курц, остана без пратенички имунитет.
Долниот дом на австрискиот парламент одлучи да му го одземе имунитетот за да се овозможи непречена истрага откако обвинителството отвори истрага против Курц и уште девет други лица под сомнение дека преку Министерството за финансии биле плаќани реклами (со јавни пари) во весник во замена за објавување манипулирани анкети и известување во полза на Курц.
Надлежната парламентарна комисија пред два дена го одобри одземањето на имунитетот, по што денеска пратениците на седница ја изгласаа таквата одлука. Барањето за укинување на имунитетот обвинителството го испрати до парламентот кон средината на октомври.
Претходно и самиот Курц ја поздрави најавата за одземање на пратеничкиот имунитет.
Откако беше отворена истрагата, Курц на 9 октомври се повлече од канцеларската позиција со што ја спаси и Владата бидејќи Зелените, кои се помал коалициски партнер во владата, одлучија да останат дел од коалицијата. По оставката, на чело на владата застана дотогашниот шеф на дипломатијата, Александер Шаленберг, а Курц стана пратеник.
Во однос на истрагата, тој изјави дека не се чувствува виновен и рече дека ќе ја докаже својата невиност.