Првичните резултати ги надминуваат очекувањата од излезните анкети за резултатот што ќе го постигне движењето на актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, на денешните парламентарни избори. Анкетите велеа дека Самоопределување ќе освои 44 отсто, а во моментов тоа е на чекор до 50 отсто од гласовите

Централната изборна комисија во Косово почна да ги објавува првичните неофицијални резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа денеска.
Според нив, движењето Самоопределување на досегашниот премиер Албин Курти има убедливо водство од 49,79 отсто од досега пребројаните гласови.
Според податоците од Централната изборна комисија, од вкупно 2 557 избирачки места, досега се пребројани гласачките ливчиња од 2 467 или од 96,48 отсто од нив.
На второ место е Демократската партија на Косово која во моментов има 21,19 отсто од гласовите, додека Демократскиот сојуз на Косово е на третото место со 13,76 отсто.
Овие првични резултати ги надминуваат очекувањата од излезните анкети за резултатот што ќе го постигне движењето на Курти на овие избори. Анкетите велеа дека Самоопределување ќе освои 44 отсто, а во моментов тоа е на чекор до 50 отсто од гласовите.
Предвремените избори беа неопходни бидејќи иако Самоопределување заврши како најголема партија на редовните избори на 9 февруари, не успеа да стигне до апеолутно мнозинство во парламентот.
Оттогаш новиот парламент остана заглавен не можејќи да се договори за избор на раководството, а потоа и за избор на влада.
