На прес-конференција денеска Курти го коментираше апсењето на помошник-директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Игор Поповиќ, кој во петокот во Велика Хоча изјави дека „припадниците на ОВК се терористи“

Премиерот на Косово, Албин Курти, вели, неговата земја нема да ги толерира изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои Курти смета дека се заканувачки.
На прес-конференција денеска Курти го коментираше апсењето на помошник-директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Игор Поповиќ, кој во петокот во Велика Хоча изјави дека „припадниците на ОВК се терористи“.
„Секој што ги нарушува законот и редот ќе се соочи со правдата. Случајот со Игор Поповиќ, кој беше уапсен за поттикнување раздор и нетолеранција, не е исклучок. Институциите го третираат професионално и во согласност со меѓународните стандарди за човекови права“,
рече Курти.
На Поповиќ вчера му беше одреден 30-дневен притвор, по што претседателот на Србија најави дека Србија „ќе реагира на многу остар начин“, но исто така рече оти „Курти целосно го загубил разумот и сака да предизвика инциденти и конфликти на Западен Балкан“.
„Изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дадени на 20 јули оваа година се заканувачки, дестабилизирачки и целосно неприфатливи. Кога претседателот, а воедно и врховен командант на војската на една земја, упатува јавни закани со тон на поттикнување конфликт, тоа повеќе не може да се смета за индивидуален став, туку за национална политика. На овој начин, официјален Белград јасно покажува дека не ја поддржува правдата, мирот и стабилноста, туку поттикнува тензии и ширење говор на омраза во регионот, исто како што изјавите на Поповиќ поттикнуваат поделби и нетрпеливост“,
нагласи Курти.