Тој посочи дека две компании низ годините вршеле ископувања, кои, како што забележа, биле длабоки и оштетувањата тешко ќе се санираат
Ископувањата направени околу изворите во селото Шум се главната причина што ја предизвикала матноста на водата од која се снабдуваат Струга и селата, заклучи градоначалникот Менди Ќура на денешната вонредна седница на Советот на Општина Струга, на која единствена точка на дневниот ред беше расправата за проблемите на граѓаните со редовното снабдување со исправна вода за пиење.

Тој посочи дека две компании низ годините вршеле ископувања, кои, како што забележа, биле длабоки и оштетувањата тешко ќе се санираат. Вината, според Ќура, е во неговите претходници и во надлежните институции, нагласувајќи дека ништо не било преземено за заштита на изворите.
„Констатирано е давање дозволи за ископувања повеќе од 10 години без критериуми, само за материјална корист, сериозна институционална аномалија, при што една од компаниите добила дозвола за ископувања во оваа чувствителна зона без да се утврди заштитна зона од еден километар околу изворот, која требало да биде оградена и физички заштитена“,
вели Ќура.
Тој додава дека поранешните раководители и одговорните институции не покажале интерес за заштита на овој витален извор, заедно со директорите на јавните претпријатија и надлежните органи. Ќура вели дека штетата е направена и итно мора да се преземат мерки за санација на состојбата, без да се занемари кривичната одговорност на виновниците.
Докторката Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид, која присуствуваше на седницата, рече дека од нејзиното долгогодишно работно искуство, водата во Шум досега никогаш не била матна, единствено матност покажала кога биле приклучени изворите од Белица.
„Вие не знаете во Струга какво богатство имате и какво богатство има шанси да не постои повеќе. Бев повикана од ОВР Струга над извориштето, каде што се вршат ископи. Не ми е јасно како може некој толку несовесно да ископува земјиште над извор, а знае дека тој извор е главен снабдител со вода за цела општина Струга. Тоа се над 50 илјади жители“,
рече Симоноска.
Навраќајќи се на вредностите од првите мостри земени на 9 февруари, кога матноста е скоро 30 и со доволна количина хлор, таа појасни дека наредните проверки покажале намалување на матноста. Примероците од изворите покажале присуство на ешерихија коли, бактерија од свежо фекално загадување, која не се забележува во примероците од градот поради хлорирањето. Мострите земени на 16 февруари од изворот покажале 3,62 матност, но во градот била повисока. Тоа, рече Симоновска, е поради матната вода која минувала низ цевките, матнотијата, односно калта се таложеле на цевките и потребно е добро промивање и хиперхлорирање.
Таа вели дека вчера повторно било зголемено нивото на матност и оти тоа е поради врнежите.
Примероци од водата од изворот Шум, како што информира, биле пуштени и во Институтот за јавно здравје во Скопје за проширена анализа, каде ќе се испитаат сите елементи меѓу кои и радиоактивност, што по закон треба да се прави двапати годишно, поради честички кои можат да се најдат, а се токсични или карциногени за организмот.
Инспекторот за животна средина при Општина Струга, Митко Коркутоски, кажа дека веднаш по пријавата излегле на терен и затекнале механизација која вршела ископи без дозвола, за што направиле записник, кој бил доставен до сите надлежни институции.
Советниците донесоа заклучоци надлежните истражни органи и Јавното обвинителство итно да ги приберат сите релевантни податоци за целосно расчистување на случајот со нелегалниот ископ на минерални суровини и работењето на каменоломите во заштитната зона на изворот Шум. Исто така, донесоа заклучок Владата да донесе одлука за определување заштитни зони на водите за водозафатниот објект извор Шум, со јасно утврдени граници на заштитните зони, мерки за заштита, услови и начин на воспоставување и спроведување на заштитниот режим и картографски приказ и евиденција во соодветните регистри.
Општина Струга, пак, треба итно да побара стручно мислење, анализа и препораки од надлежните институции за проценка на настанатата еколошка и хидрогеолошка штета, можните ризици по здравјето на населението, утврдување на потребните мерки за санација и заштита и воспоставување на систем на континуиран мониторинг.
Задолжени се сите надлежни инспекциски служби при Општина Струга итно и неодложно да постапат, секој во рамки на своите законски надлежности со цел констатирање на сите неправилности и прекршувања, изрекување на мерки согласно закон, задолжување на правните и физичките лица за отстранување на утврдените недостатоци и спречување на понатамошно нарушување на безбедноста на изворот и пошироката околина.
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ е задолжено итно да ги донесе сите неопходни правилници и интерни акти со кои се уредува работењето, заштитата и безбедноста на изворите за снабдување со вода за пиење, да воспостави систем на редовен мониторинг и контрола на квалитетот на водата согласно националните и европските стандарди, како и, меѓу другото, да се спроведе независна ревизија на работењето на претпријатието.
